јули 18, 2025

Leadership Insights со Марија Крстевска, ко-сопственичка на Bebehome и CosLoveMetics

1. Што би ѝ рекле на вашата помлада верзија кога првпат влегувавте во светот на претприемништвото?

‎

Марија: Ќе ѝ кажев: слушај, ништо нема да оди по план и тоа е сосема во ред. Мислев дека ќе почнам и одма ќе лета бизнисот, ама вистината е дека ќе се лета, но и ќе се паѓа. Ќе учиш од сè, од добри одлуки, ама уште повеќе од грешките. Ќе видиш дека трпението ти е најдобар пријател и дека не мораш сè сама. Ќе има денови кога ќе се прашуваш зошто си тргнала по овој пат, ама ќе има и денови кога ќе си речеш е ова е тоа! Се сеќавам, пред повеќе од 10 години, која ја отворивме нашата прва Bebe Home продавница си отидов дома разочарана. Очекував дека ќе направиме огромен промет, дека ќе има редици луѓе, а реалноста беше поинаква. Ама баш тие моменти ме научија дека успехот не доаѓа со еуфорија, туку со истрајност, многу работа и посветеност. И дека вистинската мотивација доаѓа од желбата да направиш нешто вредно и трајно.

‎

2. Што е вашата лична дефиниција на успех во бизнисот?

‎

Марија: За мене, успех во бизнисот е кога клиентите се навистина задоволни и со радост ти се враќаат, а твојот бренд е препознатливо име кое луѓето го бираат со доверба. Успехот е процес кој бара трпение и посветеност, а секој напредок е причина за гордост и мотивација да продолжиш понатаму.

‎

3. Кога последен пат излеговте целосно од вашата комфор зона – и што научивте од тоа искуство?

‎

Марија: Ако треба искрено да одговорам излегувам од комфор зоната постојано, веќе 11 години. Сè започна кога по 8 години работа како правник, прво во адвокатско друштво, а потоа и во банка, решив да се впуштам во нешто сосема ново и непознато за мене, водење сопствен бизнис. Така се роди Bebe Home. Потоа дојде ново поглавје Coslovemetics, уште еден голем и возбудлив предизвик. А денес сум пред најхрабриот чекор досега, а тоа е инвестиција во сопствен корејски козметички бренд. Комфор зоната е удобна, но таму нема раст и ништо не се менува. А јас никогаш не сум сакала монотонија, сакам да се движам, да растам, да креирам.

‎

4. Која е најтешката одлука што сте ја донеле како лидер досега, и како се справивте со нејзините последици?

‎

Марија: Најтешката одлука ја донесовме во третата година од работењето, кога решивме да ја затвориме Bebe Home продавницата во Струга. Тоа беше тежок и емотивен момент, затоа што вложивме многу труд и срце во тој проект. На почеток беше тешко да прифатиме дека мора да се повлечеме, но сфативме дека понекогаш за да можеш да одиш напред, мора да направиш чекор назад. Оваа одлука не не спречи, напротив не мотивираше да продолжиме со уште поголем ентузијазам, да градиме и да создаваме нови можности. Тоа искуство ни покажа колку е важно да бидеш флексибилен и да превземаш чекори кои иако не ти се допаѓаат се неопходни за доброто на компанијата.

‎

5. Како се грижите за себе – ментално, емоционално и физички – додека водите сопствен бизнис?

‎

Марија: Водењето сопствен бизнис значи дека работата никогаш не завршува во 16 часот. Но и покрај тоа, научив дека мора да си поставам граници и да имам време за себе затоа што од таа грижа доаѓа и енергијата за сè друго. Работам многу, но токму затоа и се грижам за себе, бидејќи со ова темпо на живот и не смее да биде поинаку. Физичка активност три пати неделно, без изговор. Тоа ми помага да се чувствувам добро, и физички и ментално. Децата ми се моја секојдневна радост, а времето со нив ме полни со љубов и мир. Патувањата како фамилија ми се омилен дел од годината, кога сме заедно, без обврски и целосно посветени едни на други. Не го занемарувам ниту социјалниот живот, многу ми значат вечерите, дружбите и заедничките патувања со најблиските пријатели. И секако, сон, здрава исхрана, легнувам рано, станувам уште порано. Тој мирен дел од денот, пред сè да започне, ми е време за тишина, за план и за мир во глава.

‎

6. Што би им препорачале на другите претприемачи кои сакаат да изградат правични и недискриминаторски работни средини, но не знаат од каде да почнат?

‎

Марија: Најважно е да се почне од луѓето, со интерес за тоа кои се, како работат и како се чувствуваат на работното место. Кај нас, никогаш не сме ги делеле вработените по други основи, туку само на вредни и способни и на оние кои едноставно не сакаат да работат. Правичноста за мене значи секој да има еднаква можност да покаже што знае, да добие поддршка кога му треба, и да биде вреднуван според трудот, а не според пол, возраст или некоја друга етикета. Кога ќе ја поставиш таа рамнотежа уште од почеток, сите се чувствуваат дел од тимот и тогаш доаѓаат и резултатите.

Можеби ќе ве интересира...