fbpx
 

Интервју

ГЕА: ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ е поддржувач на Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА. На кој начин вашата компанија работи во насока на трите столба за кои се залага ГЕА, т.е. еднаква плата, еднакви можности и еднаква застапеност на работните места?

Ралица Губерова: Фактот што ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ ги поддржува трите столба на ГЕА за родова еднаквост т.е. еднаква плата, еднакви можности и еднаква застапеност на работните места најпрво зборува моменталната структура на Друштвото, каде од вкупно 94 вработени, 56 се жени, а 38 се мажи и притоа менаџерскиот тим е составен од 6 жени и 3 мажи. 

Висината на платите на работниците во нашето Друштво се определува на база на соодветноста помеѓу работното место и едукацијата на работникот, работното искуство, техничките и дополнителни вештини што ги има работникот, без оглед дали е маж или жена. 

Нашите програми за обука и развој нудат рамноправни можности за напредок во кариерата за сите што го имаат тоа за зацртаната цел. Ние се фокусираме на привлекување и задржување на талентираните работници без разлика на родот. 

 

ГЕА: Родовата еднаквост не е само нешто што треба да се негува интерно, туку се одразува и во надворешните односи и партнерства на компанијата. Како ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ соработува со други компании / организации или засегнати страни за залагање за родова еднаквост и поттикнување позитивни промени во областа?

 

Ралица Губерова: Да се зачлениме во Алијансата за родова еднаквост – ГЕА беше стратешка одлука за ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ, за да може јавно да се изјасниме како поддржувачи на рамноправноста и инклузивноста. Тоа ни дава можност да соработуваме и со други компании и организации кои ги негуваат и применуваат истите вредности за родовата еднаквост. 

 

ГЕА: Како извршен директор и жена која е дел од ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ повеќе од 10 години, дали имате некои долгорочни цели или иницијативи за кои вие лично имате посебна пасија во насока на унапредување на родовата еднаквост како и во вашата компанија, така и општо во индустријата за осигурување?

 

Ралица Губерова: Во ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ не постои родова нееднаквост, бидејќи јас лично гледам на луѓето како професионалци и тоа е основен критериум за вреднување на вработените, односно родот во никој случај не смее да биде критериум како за вработување така и за вреднување на луѓето. 

Што се однесува до индустријата за осигурување, иако перцепцијата за осигурувањето се поврзува со моторни возила заради осигурувањето на моторни возила и постојат стереотипи дека возилата се сфера на мажите, сепак во осигурителната индустрија се повеќе жени се на раководни позиции од кои притоа истите се и дел од поуспешните друштва за осигурување. 

 

ГЕА: Според вас, што уште може да се направи за да се промовира родовата еднаквост во индустријата на осигурување и кое е вашето мислење за тоа колкава улога играат компаниите како Евроинс Осигурување за остварување на оваа цел?

Ралица Губерова: За промовирање на родовата еднаквост во индустријата на осигурување, а и не само во оваа дејност, на прво место потребен е личен пример. ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ долги години демонстрира посветеност на принципите за професионалност, квалитет и талент при изборот на своите вработени и тоа е единствена порака што ја имаме кон сите компании што се соочуваат со родовата нееднаквост.

 

ГЕА: Што би ги посоветувале младите девојки и жени кои штотуку ги започнуваат своите кариери во индустријата на осигурување?

 

Ралица Губерова: Ако сте млада девојка или жена која ја започнува својата кариера во индустријата на осигурување, овие совети можат да ви помогнат. Јас имам неколку совети за сите млади жени и мажи кои сакаат да бидат успешни доколку кариерниот развој е критериум за тоа:

 

– инвестирајте во вашето учење и развој на вештини

– бидете отворени за нови знаења и приспособување на новите технологии и иновации,

– поставувајте си високи цели и со самоувереност докажувајте ги вашиот талент и работа

Во ова интервју, имавме можност да разговараме со Мелита Гугуловска, главен извршен директор на Сава Осигурување, за напорите и посветеноста на компанијата во насока на родова еднаквост и предизвиците кои ги имаат во осигурителната индустрија.

ГЕА: Сава Осигурување е поддржувач на Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА. На кој начин вашата компанија работи во насока на трите столба за кои се залага ГЕА, т.е. еднаква плата, еднакви можности и еднаква застапеност?

Мелита Гугуловска: Во Сава осигурување воопшто не се поставува прашањето од кој пол сте или слично. Еднаква плата, еднакви можности и еднаква застепеност е патот по кој чекориме сите овие години.

ГЕА: Како главен извршен директор и жена која е дел од Сава Осигурување речиси 20 години, со какви предизвици се имате соочено во вашата индустрија и како ги надминувате истите на работното место?


Мелита Гугуловска:
Никогаш до сега не сум почуствувала некаков проблем поради тоа што сум припадничка на женскиот пол или пак да не можам да извршам некоја работна активност поради тоа или да бидам помалку платена. Лично сметам дека не постои поделба на женски и машки работи особено во осигурителната индустрија.

ГЕА: Кои иницијативи ги презема Сава Осигурување за да обезбеди родова еднаквост на сите нивоа на организацијата, вклучувајќи и лидерски позиции? Какви придобивки сте забележале од мешани тимови на работното место?


Мелита Гугуловска:
Единствен приоритет кај нас е квалитет, желбата за промена, желбата за развој. Навистина не се гледа на мешани тимови , женски или машки тимови – се е до човек без разлика на родовата припадност.

ГЕА: Разликата во платите меѓу половите (gender pay gap) e сè уште присутна во многу индустрии. Какви мерки презема Сава Осигурување за да се справи со овој проблем?


Мелита Гугуловска:
Никогаш до сега не сме имале таков проблем и лично мислам дека тоа е нешто што ние самите треба да го негуваме и развиваме. Во Сава осигурување луѓето ја добиваат платата поради своите лични квалитети и постигнувања.

ГЕА: Според вас, што уште може да се направи за да се промовира родовата еднаквост во индустријата на осигурување и кое е вашето мислење за тоа колкава улога играат компаниите како Сава осигурување за остварување на оваа цел?

Мелита Гугуловска: Нашата индустрија е одличен пример на родова еднаквост од причина што јас не сум единствена жена на чело на осигурителна компанија и морам да признаам дека сите до една се одлични и успешни лидери.

ГЕА: Што би ги посоветувале младите девојки и жени кои штотуку ги започнуваат своите кариери во индустријата на осигурување?

Мелита Гугуловска: Една од најубавите индустрии по мене, бидејќи имате можност секојдневно да учите многу нови работи, да се среќавате со многу нови професии, со многу нови луѓе, со нови бизниси и процеси. Индустрија полна со нови предизвици и одличен пример за родова еднаквост со реални примери.