Кои моменти ви даваат чувство дека сте успешни и дека сте на вистинскиот пат – признанија од другите, резултати или нешто што само вие го чувствувате?
Василка: Успешноста не може да се сведе на само еден индикатор. Таа е комбинација на надворешните признанија, мерливите резултати што ги остваруваме и внатрешното чувство на задоволство од постигнатото. Во овој поглед, таа е како сложувалка – секое парче е значајно за формирање на целосната слика.
Секако, признанијата од колегите, соработниците, партнерите или од пошироката заедница даваат потврда за вредноста на она што го работиме и постигнуваме. Особено во корпоративната средина, каде што конкретните резултати и остварувањето на поставените цели се клучни за следење на напредокот. Но, лично за мене, најдлабокото чувство на успешност доаѓа тогаш кога гледам дека иницираме решенија кои имаат долгорочно позитивно влијание врз заедницата. Сметам дека вистинската успешност е кога го користиш лидерството како алатка за создавање промени – не само во бизнисот, туку и во секојдневниот живот, во начинот на кој луѓето се чувствуваат, растат и соработуваат. Кога гледаш дека си оставил значаен белег во опкружувањето, тогаш знаеш дека си на вистинскиот пат.
Кој беше вашиот прв ментор и што научивте од него/неа што сѐ уште го користите?
Василка: Првите ментори во мојот живот беа моите родители, од кои научив кои се вистинските вредности во животот. Но, родителите ме научија и на уште една работа која е важен дел од мојот карактер – секогаш да сум отворена кон нови знаења и искуства и од нив да го извлечам најдоброто. За среќа, во мојата професионална кариера имав привилегија да соработувам со луѓе со кои споделуваме исти вредности. Некои од нив ми беа формално ментори, други колеги и соработници кои несебично го споделуваа своето знаење. Од секоја личност со која соработувам учам по нешто и тие искуства и совети имаат силно влијание врз мојот приватен и професионален развој. Сметам дека ментор не е само еден човек, туку секој што во вистинскиот момент ни пренесува некаква вредна лекција. Менторството за мене не е строг вертикален однос, туку заемна инспирација, поддршка и споделување. Исклучително сум горда што сум дел од компанијата „Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп“ која негува токму ваква корпоративна култура и работам во средина што им дозволува на луѓето да растат во секој поглед.
Кој совет си го кажувате себе кога никој друг не ве охрабрува?
Василка: Дури и кога не добиваме веднаш повратен сигнал од околината, тоа не значи дека немаме поддршка. Длабоко верувам дека луѓето се најголемата вредност, како во личниот, така и во професионалниот живот и затоа секогаш се трудам да бидам опкружена со личности со кои имаме заемна доверба, поддршка и сме си инспирација на нашиот пат. Дури и кога нивните гласови се тивки, јас знам дека тие веруваат во мене, исто како што и јас верувам во нив. Има и такви моменти кога охрабрувањето е потивко и тогаш самите бараме дополнителен мотив и поттик. Тоа не е ароганција, туку зрелост. Зборот што ме води напред во таква ситуација е истрајност, односно сознанието дека истрајноста за работите во кои силно веруваме создава нешто – некое вредно искуство, лекција или нов предизвик.
Во што верувате толку силно, што би го правеле дури и ако знаете постои можност да не успеете?
Василка: Вистинското лидерство значи да застанеш зад нешто во што веруваш – не затоа што успехот е загарантиран, туку затоа што вреди да се обидеш. За мене, тоа се луѓето. Не се залагам за ништо во што не верувам длабоко и лично, а верувам во себе и луѓето околу мене бидејќи добро ги знам нивните вредности, способности и можности. Дури и кога постои ризик, кога е полесно да се остане во сигурната зона или да се следи веќе утврдениот пат, јас избирам да поддржам идеи и луѓе за кои верувам дека имаат капацитет да создадат нешто значајно. Силно верувам во нашиот корпоративен систем, во воспоставените иновативни процеси и односи на транспарентност, отворен дијалог и почитување. На крајот од денот, ако можам со интегритет да застанам зад тоа што сум го направила, тогаш за мене тоа е веќе успех, независно од исходот.
Како го негувате чувството на припадност и еднаквост во вашата организација?
Василка: За нашата компанија, припадноста и еднаквоста не се формални точки во корпоративниот кодекс, туку природно чувство според кое живееме и функционираме. Таа реалност секојдневно ја градиме преку искрена комуникација, заемно почитување и личен пример. Како вработени, не се чувствуваме прифатени затоа што некој тоа ни го кажал, туку затоа што тоа го доживуваме преку начинот на кој сме слушнати, вреднувани и вклучени. Еднаквоста не значи сите да бидат исти, туку секој да има еднаква шанса да придонесе и да се развива, независно од улогата, искуството или личниот контекст. Работиме активно да се слушне сечиј глас и негуваме средина во која различностите не се толерираат, туку се ценат како извор на иновација и напредок. Ние во ФМТКП знаеме дека чувството на припадност е најсилно кога луѓето се свесни дека можат да бидат свои и дека тоа се цени, кога се препознава и вреднува нивниот труд, но и нивната човечка страна.
Во што верувате дека младите лидери денес се најсилни – и како тоа може да го обликува светот на бизнисот утре?
Василка: Верувам дека успешното лидерство не познава возраст и неговата суштина не се мери според возраста, туку според визијата, интегритетот и способноста да се инспирираат и водат луѓе. Младите лидери во себе носат свежина во размислувањето, храброст да ги предизвикаат постојните модели на функционирање и природна поврзаност со современите вредности. Поради нивната блискост со технологијата, но и со културата на брзи промени, тие се исклучително прилагодливи и подготвени за водство во еден динамичен, глобален контекст. Од друга страна, искуството и стабилноста на поискусните лидери се подеднакво вредни, особено во понесигурни времиња кога е потребна перспектива стекната преку долгогодишна работа, носење одлуки и справување со најразлични предизвици. Токму таа комбинација, енергијата на новите генерации и мудроста на оние што веќе поминале низ бури, е најголемата предност на една организација. Ние во компанијата создаваме и негуваме средина во која младите лидери имаат глас, а искусните без задршка споделуваат мудрост и знаење. На тој начин градиме одржлив бизнис модел за иднината.




