ГЕА: Што те мотивираше да започнеш со работење во банкарскиот сектор и како гледаш на еволуцијата на твојот кариерен развој?
Јадранка Шоповска: Повеќе од 18 години професионално сум инволвирана во банкарскиот сектор. Професионалното и деловно однесување во банкарскиот сектор од секогаш предизвикуваше посебни чувства кај мене. Желбата за помагање на луѓето да постигнат финансиски цели и привлечноста на динамичната природа на индустријата, беше основен двигател да одлучам да студирам на Eкономски факултет, насока Финансиски Менаџмент и да започнам со работа во Банка пред завршување на студиите. Со огромен труд успеав да го завршам факултетот во рекордно време, истовремено да бидам унапредена на работното место. Од година во година, огромната посветеност, вложениот труд, несебичното комплетно инволвирање во целокупниот процес на работење, желбата за постојан развој, допринесе од референт преку унапредувања, промоции достигнам позиција Директор на филијала.
ГЕА: Кои клучни вредности ги практикуваш во управувањето за да негуваш успешен тим и задоволни клиенти?
Јадранка Шоповска: За успехот на една компанија Важни се луѓето. Со отворен ум ги прифаќам секојдневните предизвици и градам стабилен партнерски однос со колегите и клиентите. Секогаш преферирам отворена и транспарентна комуникација во мојот тим. Поттикнување на тимска работа и соработка, позитивна работна култура, секогаш води до подобри резултати и креативни решенија. Флексибилноста е многу важна во односот со клиентите и колегите, како и редовното споделување на повратни информации за подобрување на процесот и взаемната соработка. Почитувам и охрабрувам различни размислувања и идеи, тоа придонесува за позитивна работна атмосфера. Поврзување со клиентите и учење за нивните потреби и искуства е значајно за секојдневното делување. Поддршката на развојот на вештини и знаења на тимот, овозможува подобри перформанси и иновации. Создавањето на атмосфера во која секој член на тимот се чувствува како дел од семејството е клучно за позитивната динамика и продуктивноста. Работам со ентузијазам, интегритет и посветеност. Луѓето пред се! Ги подржувам и промовирам највисоките етички стандарди и негувам култура на почит соработка и иновации.
ГЕА: Може ли да ни споделиш пример за некој предизвик што си го надминала во твојата кариера и кој ти донел значителен успех?
Јадранка Шоповска: Мојата кариера во банкарскиот сектор започна на само 22 години. По неколку години успешна работа, добив понуда од менаџментот на Халк Банка АД Скопје, да ја водам новоотворената филијала во Кочани. За мене беше огромна чест, но и огромен предизвик да успеам на пазар на кој веќе активно работеа 12 банки. Да се започне од нула, да успееш да изградиш квалитетен тим, да привлечеш клиенти воопшто не беше лесно. Соочувањето со огромната конкуренција предизвика страв од можен неуспех за раст и развој. Со макотрпна работа, несебично вложување, постојана надоградба на знаењето и подршката од менаџментот на Халк Банка АД Скопје, успеавме да изградиме филијала која денес е меѓу првите банки на пазарот во Кочани. Посебно сум горда, благодарение на Халк Банка АД Скопје, што 11 години сум Директор на филијала со многу успешен тим, која има огромен број задоволни и респектабилни клиенти.
ГЕА: Твој совет за некој што сака да започне кариера во банкарскиот сектор?
Јадранка Шоповска: Инволвирањето во банкарскиот сектор е сериозен предизвик за секоја млада личност. Инвестирајте во своето образование. Секогаш постапувајте со интегритет. Етиката е клучна во банкарството. Поставете цел и верувајте во себе. Потребно е визија, храброст, но и многу труд, работа и посветеност. Бидете проактивни и соочете се со предизвиците.




