ноември 1, 2024

[ИНТЕРВЈУ] Кристина Спироска: “Благосостојбата на вработените и родовата еднаквост врвни приоритети на ХАЛКБАНК”

ГЕА: ГЛАВНИОТ СЛОГАН ПО КОЈ Е ПРЕПОЗНАТЛИВА ВАШАТА КОМПАНИЈА Е “ВАЖНИ СЕ ЛУЃЕТО”. НА КОЈ НАЧИН ОВОЈ ВОДЕЧКИ ПРИНЦИП ГО ОБЛИКУВА ПРИСТАПОТ НА ХАЛКБАНК КОН ГРИЖАТА ЗА ВАШИТЕ 800+ ВРАБОТЕНИ И КУЛТУРАТА НА РОБОТНОТО МЕСТО, КАДЕ И НЕГУВАЊЕТО НА ИНКЛУЗИВНАТА РАБОТНА СРЕДИНА ?

 

Кристина Спироска: Вообичаеното делување и корпоративната средина и култура на ХАЛКБАНК го наметнаа и нашиот корпоративен слоган  „Важни се луѓето“. Истиот на природен начин е инкорпориран во принципите за работа и политиките на Банката. Овој наш слоган ја одразува посветеноста на секој поединец да даде приоритет кон поединците – на вработените, колегите, соработниците и особено клиентите, издигнувајќи ја позитивната култура на заедничко функционирање на работното место. Слоганот “Важни се луѓето“ е можеби најсилниот печат кој не’ води нас како Банка сиве овие години. Се водиме од тезата дека само задоволниот вработен ќе може да го истакне личниот потенцијал и ќе успее да рефлектира професионалност која ќе влее доверба кај клиентите, што резултира со гарантиран успех. 


Вниманието ни е насочено до секој ситен детал кој сметаме дека ќе го олесни и разубави времето поминато на работното место.  Голем е предизвикот да се исполнат очекувањата и потребите кога се работи за толкав број на вработени, но тоа е и она што не’ инспирира и не’ одржува во кондиција секојдневно да изнаоѓаме нови и иновативни начини како задоволството да го одржуваме и издигнуваме. Длабоко втемелената корпоративната филозофија дека исклучиво мотивираните, исполнети и задоволни вработени го даваат својот максимален придонес кон организацијата во која делуваат резултира со изразена успешност. Доказ дека ова толкување е исправно е брзиот и стабилен раст на банкарскиот пазар  на ХАЛКБАНК. 


Токму затоа, Банката континуирано инвестира во човечкиот капитал, во детектирањето на таленти, градејќи им можности за развој, инвестирајќи во развојот на знаења и вештини издигнувајќи ги условите за работа, бидејќи неминовно е дека успехот на банката се должи на успешноста на вработените.


ГЕА: ХАЛКБАНК НЕОДАМНА И СЕ ПРИДРУЖИ НА АЛИЈАНСАТА ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТ НА РАБОТНОТО МЕСТО – GEA КАКО НЕЈЗИН ГЛАВЕН ПОДРЖУВАЧ. ТРИТЕ ГЛАВНИ СТОЛБА ЗА КОИ СЕ ЗАЛАГА GEA СЕ: ЕДНАКВА ПЛАТА, ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ И ЕДНАКВА ЗАСТАПЕНОСТ НА РАБОТНИТЕ МЕСТА. КОЛКУ ЗА ХАЛКБАНК Е ВАЖНА РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ НА РАБОТНИТЕ МЕСТА И КАКВИ МЕРКИ И ПОЛИТИКИ СПРОВЕДУВАТЕ СО ЦЕЛ ПРОМОВИРАЊЕ И ОСИГИРУВАЊЕ НА РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ И КАРИЕРНИОТ НАПРЕДОК НА РАБОТНОТО МЕСТО ?

 

Кристина Спироска: Еднаквоста на секој поединец и еднаквиот третман кој секој поединец го добива без разлика на личниот бекграунд вклучително и родовата еднаквост е една од клучните сегменти во нашето работење. Можностите за кариерен развој и уживањето на еднаквите права без разлика на припадноста по било кој основ се вмрежени во нашата деловна политика и етички кодекс. Имајќи во предвид дека во нашата банка која денес брои повеќе од 830 вработени, а мнозинството се жени, можам сосема слободно да споделам дека Банката е повеќе движена од женска сила, а особено ако на тоа го додадам и фактот дека мнозинството од вработените именувани на менаџерски позции како лица со посебни права и одговорности во средниот менаџмент на Банката се од женски пол уште повеќе ја истакнува правичноста и го истакнува овозможувањето на еднаквите можности за раст и развој и пристапност во рамки на нашата корпорација, истакнувајќи ја нашата деловна зрелост и на ова поле. Нашите очекувања се втемелени во сериозна принципелност при изборот на кадар, ефективното и стратешко управување со луѓето и особено при изборот на менаџерскиот кадар така што можностите за истакнување на амбициите кои се поткрепени со квалитативните  и квантитативните индикатори, како и истакнатата посветеност, стекнати знаења и развиени лидерските вештини се широко отворени за сите оние кои ќе ги истакнат своите врвни квалификации вештини и перформанси.   


ХАЛКБАНК континуирано инвестира во својот кадар од најниските – почетни работни позиции и нивно оспособување за достигнување до високите менаџерски позиции подготвувајќи ги колегите да се соочат со предизвиците кои произлегуваат од комплексните процеси. Банката стана препознатлива како работодавач кој овозможува  сериозен кариерен напредок и по грижата за вработените која можност е подеднакво отворена за сите. Од исклучителна важност ни е секој поединец да ги постигне личните, но и целите и стратегиите на корпорацијата, па во таа насока користиме методи за детектирање на таленти, трасирајќи го  патот преку инвестирање во нивните знаења преку обуки, стручни усовршувања и користење на искусниот кадар за пренос на know how.


Одлуката на ХАЛКБАНК да се приклучи на GEA како нејзин главен поддржувач ја истакнува важноста која Банката ја оддава на родовата еднаквост тежнеејќи да претставува пример во општеството посветувајќи внимание на овие особено важни аспекти во еднаквото третирање. Со усогласувањето со трите столба на Алијансата – еднакви плати, еднакви можности и еднаква застапеност, ХАЛКБАНК покажува посветеност кон поттикнување на инклузивна и правична работна средина.  ХАЛКБАНК спроведува редовни ревизии на платите осигурувајќи се дека сите вработени добиваат правичен паричен надоместок, без оглед на полот. Овие ревизии и калибрации во системот помагаат во идентификувањето и решавањето на сите евентуални нееднаквости во платите, осигурувајќи дека сите улоги се вреднуваат транспарентно. За да ја поддржи еднаквоста во платите, ХАЛКБАНК имплементира и транспарентни политики за компензација, во кои е наведено како се определува и приспособува платата согласно комплексноста на работните позиции и хиерархиска поставеност, со што станува јасно дека системот на надоместоци се заснова исклучиво на остварувања и перформанси. Високите конкурентни лични примања и системот за наградување на вработените на ХАЛКБАНК со покачување на платите и исплаќањето на годишните бонуси создаваат основа за квалитетен живот и претставуваат причина повеќе за истакнатото ниво на задоволство. Наградувањето на вработените и системот на плати на ХАЛКБАНК во ниеден свој дел не ги зема личните карактеристики и особености на вработените, туку исклучиво се темели на успешноста во работењето, нивото на стручност, претходно искуство, комплексноста на работното место и процесите, нивото на одговорност и постигнатите резултати. Ист е принципот и во делот на покачување на платите, бонусите и останатите парични и непарични награди, истакнувајќи ја изградената стратегија за награди согласно остварените резултати. 


Што се однесува до еднаквите можности, банката користи родово неутрални практики за вработување, процесите на селекција, спроведувањето на интервјуата и одлуките за вработување и описите на работните задачи се ослободени од родова пристрасност. Ова помага да се создадат еднакви услови, при што кандидатите се оценуваат исклучиво според нивните вештини и квалификации. Банката нуди и програми за обука и развој дизајнирани да го поддржат растот на кариерата на сите вработени, со посебен акцент на рамноправноста при инвестирањето за напредок во лидерските улоги преку менторски програми, коучинг обуки за лидерство и можности за насочен развој. Споделувањето на знаењето на сите нивоа не само што ги подобрува резултатите добиени од обука и развојот, туку и ја поттикнува културата на континуирано учење и меѓусебна соработка. Во поглед на еднаквата застапеност, ХАЛКБАНК се стреми кон родова разновидност на раководните позиции, поставувајќи објективни квалитативни и квантитативни мерила кои овозможуваат сериозна застапеност на жените на различни нивоа во отрганизацијата. Ова помага да се осигура дека жените имаат еднакви можности да придонесат во процесот на носењето на одлуки преку нивните директни влијателни улоги. За да ја поттикне еднаквата застапеност, ХАЛКБАНК ја реализира својата стратегија за создавање на поттикнувачка работна средина која ги охрабрува жените да остварат кариера во областите во кои традиционално доминираат мажите, претходно обезбедувајќи ги сите неопходни чекори и ресурси за нивно достигнување до стадиум на подготвеност за таквите улоги и директна поддршка за успех.


ГЕА: ВО 2023 ГОДИНА ЛАНСИРАВТЕ НОВА ПОНУДА И КАМПАЊА НАСОЧЕНА КОН ЖЕНИТЕ ПРЕТПРИЕМАЧИ НАРЕДЕНА “ПАКЕТ ЗА ЖЕНИ”. ШТО ВЕ МОТИВИРАШЕ ЗА СОЗДАВАЊЕ НА ВАКВИОТ ПАКЕТ И КАКО ИСТИОТ ДОСЕГА ЕВОЛУИРАШЕ ОД ПОЧЕТОК НА НЕГОВАТА ДОСТАПНОСТ? КАКВО ВЛИЈАНИЕ ДОСЕГА СОГЛЕДАВТЕ ОД ОВАА ИНИЦИЈАТИВА? 

 

Кристина Спироска: Родовите разлики се сепак поголеми одошто се сметало претходно, а финансиската (не)зависност на жените е навистина критичен момент кој неретеко се согледува како определен јаз и детерминирање на се поголемата разлика во родовата (не)еднаквост. На глобално ниво, а и во Македонија, декларативната поддршка постои, но директната и конкретна поддршка за родова еднаквост често недостасува. Традиционално изградената перцепција е дека жените како единка имајќи поголем број на улоги во општеството отежнато би можеле да се соочат и со предизвиците на претприемништвото, иако е несомнено дека истите имаат мотив и глад за максимална продуктивност и ефикасност на секое поле постигнувајќи ги своите замисли.

Токму затоа, ХАЛКБАНК забележа дека е вистинско време да понудиме директна и конкретна поддршка за остварување на нивните амбиции и цели, да ги охрабриме и да ги поттикнеме жените кои посакуваат да развијат сопствен бизнис и да ги реализираат своите идеи со цел обезбедување на поголемо учество на жените во претприемништвото. 


Оваа помош и поддршка е истовремено комплементарна на уште една наша заложба – поддршката на микро, малите и средни претпријатија, кои се исто така во фокусот на нашето делување. Преку овој пакет на производи досега беа поддржани многу бизнис идеи и сериозен дел од нив се развија во успешни деловни приказни. Покрај тоа, делуваме и на проширување на нашата кампања со цел да допреме до што е можно повеќе лица од таргетирана група, на различни начини, кои целат кон унапредување на својот бизнис преку нашиот пакет. 


ГЕА: ВАШАТА КАМПАЊА “ФУСТАНИ СО ЏЕБОВИ” НАИДЕ НА СУПЕР РЕАКЦИИ ОД ЈАВНОСТА И РЕЗУЛТИРАШЕ СО НАВИСТИНА ПОЗИТИВЕН ИМПАКТ, ИСТАКНУВАЈЌИ ЈА ВАШАТА ПОСВЕТЕНОСТ КОН ПОДДРШКА НА ФИНАНСИСКАТА СЛОБОДА И ЕДНАКОВ КАРИЕРЕН РАЗВОЈ НА ЖЕНИТЕ. МОЖЕТЕ ЛИ ДА НИ ЈА СПОДЕЛИТЕ ИНСПИРАЦИЈАТА ЗАД ОВАА КАМПАЊА И КАКО ИСТАТА СЕ ВКЛОПУВА ВО СТРАТЕГИЈАТА НА ХАЛКБАНК ЗА ПРОМОВИРАЊЕ НА РОДОВА ЕДНАКВОСТ ?  КАКВИ СЕ ВАШИТЕ ИДНИ ПЛАНОВИ ПО ОВАА ТЕМА?

 

Кристина Спироска: Свесни сме дека во надворешното опкружување жените сеуште се соочуваат со низа бариери, а наша задача е да делуваме како би постигнале позитивни промени и иницијативи кои ќе ја промовираат родовата еднаквост. Креативната кампања на Халкбанк, која започна минатата година, а чија цел е градење и поддршка на финансиската и економската самостојност на жените, беше стартувана со  модна ревија на уникатни парчиња мода – фустани со џебови.

Централната фигура во овие креации е џебот, инкорпориран како детал кој најчесто отсуствува од женската гардероба, која традиционално се изработува низ историјата. 

Џебот во овој контекст претставува симбол за она што таму се чува, симбол кој искажува  финансиска независност и слобода, но и рамноправност. Токму тој детал е евидентен на сите модели на младите македонски дизајнери кои во своите креации комбинираа стил и удобност, зрачејќи со живост и елеганција и го носат нивниот креативен белег. Свесни од постоечките поставки во деловниот свет каде жената често пати е третирана на поинаков начин ни претставуваше особен предизвик да ја стартуваме оваа кампања.


ХАЛКБАНК цели кон проекти кои може индивидуално да придонесат кон издигнување и освестување на некои вакви исклучителни теми. Секако задоволството од големиот успех и поддршка што и ние ја добивме ни дава причина повеќе да се насочуваме кон вакви проекти кои барем малку ќе направат да се зголеми родовата еднаквост во многу сфери во нашата земја. Понатамошните идеи се неисцрпни и конкретно во оваа насока има неколку проекти што следат, но навремено ќе бидете известени и вие.


ГЕА: ПОД СЛОГАНОТ “СЕКОЈА ИДЕЈА ЗВУЧИ ЛУДО НА ПОЧЕТОК” НЕОДАМНА ЈА ЛАНСИРАВТЕ И ВАШАТА ИНИЦИЈАТИВА ЗА СТАРТАП- ФИНАНСИРАЊЕ НА МАЛИ БИЗНИСИ, КАКО И ПОДКАСТОТ НАРЕЧЕН “START-UP GARAGE” КОЈ ИМА ЗА ЦЕЛ ДА ГИ ДОБЛИЖИ УСПЕШНИТЕ (И НЕУСПЕШНИТЕ)ИДЕИ И ПРИКАЗНИ НА МАКЕДОНСКИ ПРЕТПРИЕМАЧИ И СО СО ТОА ДА ГИ ИНСПИРИРА ЛУЃЕТО ДА ГИ РЕАЛИЗИРААТ СВОИТЕ ПРЕТПРИЕМАЧКИ ИДЕИ. КАКО ОВАА ИНИЦИЈАТИВА СЕ УСЛОГЛАСУВА КОН ВАШАТА ПОСВЕТЕНОСТ КОН ИНОВАЦИИТЕ И ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО? КОЈ БИЛ ВАШИОТ БР.1 СОВЕТ ЗА МЛАДИТЕ ПРЕТПРИЕМАЧИ КОИ САААТ ДА ЈА РЕАЛИЗИРААТ СВОЈАТА ИДЕЈА? 

 

Кристина Спироска: Малите бизниси преставуваат столб на економијата, но тие често се борат да ги обезбедат потребните финансии за да имаат можност за раст и напредок. Традиционалните финансиски институции имаат бирократски долги процеси на одобрување, оставајќи многу перспективни бизниси без поддршката која им е потребна. Поради тоа, потребни се флексибилни финансиски решенија, кои нудат различни опции за финансирање приспособени на уникатните потреби на стартапите. Секоја револуционерна иновација, од сијалицата до интернетот, започнала како „луда идеја“. Мој совет за младите претприемачи е да си дозволат паметно да ризикуваат, да бидат иновативни и најважно од се, да веруваат во сопствениот потенцијал. 


Прифаќајќи го овој дух на смела креативност и во согласност со нашата посветеност кон иновациите, ХАЛКБАНК ја започна својата мисија за финансирање на следниот бран храбри, неконвенционални идеи кои се подготвени да ги револуционизираат индустриите и да ја обликуваат иднината. Препознавајќи ја критичната потреба за достапно, флексибилно и ефикасно стартап-финансирање, ХАЛКБАНК го подготви прилагоденото финансиско решение „Start-up кредит“ за справување со уникатните предизвици со кои се соочуваат сопствениците на стартапи. Оваа иницијатива за финансирање на мали бизниси, како и неодамна лансираниот подкаст „Start-up Garage” е доказ за посветеноста на Халкбанк на поддршка на претприемачите-визионери кои се осмелуваат да размислуваат поинаку. 


Ова кампања е склоп на различни сфери, но со заедничка појдовна точка. Сите ние сме сведоци на тоа како почнале големите корпорации и изуми, а и на фактот дека една идеја доколку е добра и се работи неисцрпно на неа може да стане голема реалност. Со самото тоа што се работи за нешто што почнува од нула и може да биде од било кој домен се решивме за “Start-up Garage”, каде гостите кои се од различни сфери и со различни професии ќе може да и го доближат на јавноста својот почеток уште повеќе. Ќе може да не внесат во се она што било потребно за да се започне, да ни ги посочат предизвиците кои се појавиле и кои можеби да не ги прифатиле како такви не би успеале, да не советуваат како може да се соочиш со сите позитивни и негативни аспекти кои ги носи еден Start-up, но секако и да не мотивираат со се она што е позитивно и да се истакне чувството на лична сатисфакција кога сонот ќе се оствари. ХАЛКБАНК смета дека иднината е во рацете на младите и за тоа ни претставува огромна чест да може да помогнеме во остварување на многу нови и успешни идеи. 


ГЕА: ОД ВАША ПЕРСПЕКТИВА, ШТО БИ ИМ ПРЕПОРАЧАЛЕ НА ДРУГИТЕ НА КОМПАНИИ ВО ЗЕМЈАТА КОГА СТАНУВА ЗБОР ЗА ВАЖНОСТА НА РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ НА РАБОТНОТО МЕСТО, КАКО И ВО ПРОШИРОК ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ? НА КОЈ НАЧИН БИЗНИСИТЕ МОЖАТ ДА ПРИДОНЕСАТ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ И ПОТТИКНУВАЊЕ НА ПОИНКЛУЗИВНА СРЕДИНА? 

 

Кристина Спироска: Промовирањето на родовата еднаквост на работното место и општеството не е само морален императив, туку и стратешка предност за претпријатијата. Компаниите кои даваат приоритет на родовата еднаквост, даваат и пример за пошироката заедница, покажувајќи дека инклузијата и различноста се составен дел од успехот. Големината на големите компании се огледа, меѓу другото, и во желбата и настојувањето вработените да се чувствуваат дека се дел од големо семејство, да бидат горди на тоа и да се трудат да ги исполнат зададените задачи, придонесувајќи за раст на компанијата.  


Се надеваме дека настојувањата за родова еднаквост кои се прават во Халкбанк, ќе влијаат на промена и на менталниот склоп кој постои во нашата држава во поглед на родовата еднаквост. 

Оваа филозофија треба да биде прифатена од страна на сите работодавци и треба да биде природна карактеристика на културата на една компанија и целото бизнис окружување. Со усвојување на вакви стратегии, бизнисите можат да дадат значителен придонес за унапредување на родовата еднаквост и поттикнување на поинклузивна средина и во нивните организации и во пошироката заедница. Ова не само што ја подобрува културата на компанијата и задоволството на вработените, туку и поттикнува иновации, перформанси и долгорочен успех.

Можеби ќе ве интересира...