ГЕА: Кои се најголемите промени што си ги забележала во областа во која работиш и како успешно се адаптираш на тие промени?
Славица Соколова Лочева: Во индустријата за плаќање постојано се забележуваат нови промени кои се резултат главно на брзиот развој на технологијата, како и на сé поголемите побарувања и потреби за нови, пософистицирани и побезбедни начини на плаќање. Во Касис, јас како поединец и како тим, се трудиме да бидеме во тек со сите промени и новитети, ги следиме светските трендови, барањата поттикнати од домашните и интернационалните мрежи како што се VISA, Mastercard, Diners International. Нашата цел секогаш е да најдеме начин и решение за имплементација на дел од тие новитети и кај нас, да воведуваме нови сервиси за плаќање во согласност со нашите закони и регулативи итн.
ГЕА: Еден кариерен highlight или достигнување на кое си особено горда во твоето речиси 20 годишно искуство на оваа работна позиција.
Славица Соколова Лочева: Во Касис сум од Август 2006 год., значи нешто повеќе од 18 години. Сиве овие години моја главна цел била стекнување на што поголемо знаење, искуство во областа и професионално усовршување, што би резултирало со мој поголем личен успех, но и успех на компанијата во целост. Поради тоа, не би издвоила некој проект или достигнување поединечно како клучен, туку би рекла дека сегашново ниво и позиција се резултат на таа долгогодишна работа, континуирана едукација, максимална посветеност на секоја задача и проект на кои сум работела, без разлика дали самостојно или како дел од тимот. Проекти има и ги имало премногу низ годиниве: сертификации за естаблирање на Касис како процесор за Acquiring/Issuing VISA/MC (Banknet)/Diners процесирање, многубројни сертификации на ПОС апликации за VISA/MC/Diners процесирање, верификација на EMV профили (dual interface VISA/MC картички), имплементации/сертификации на многубројни сервиси за плаќање, имплементација на Acquiring/Issuing EMV 3DS 2.x.x автентикација и авторизација, имплементација на систем за Fraud мониторинг, VISA/MC Tokenization..и уште многу успешно завршени веќе во продукција сервиси, но и бројни проекти на кои се работело и се работи во моментов, а ќе бидат имплементирани во блиска иднина.
ГЕА: Која е една клучна работа што ја имаш научено за водење и менаџирање на тим, а која сметаш дека е од суштинско значење за секој кој е во лидерска улога?
Славица Соколова Лочева: Најважно во тимот е меѓу колегите да има и да се негува меѓусебна почит, доверба и искреност. Секој поединец во тимот е важен и треба да му се даде можност да расте и да се развива професионално, согласно сопствените афинитети, но и според потребите на работата во тој даден момент. Да се препознаваат и признаваат сите заложби и позитивни постигнувања на секој од членовите во тимот, но и да се укаже при грешка, со што ќе се насочи и ќе му се помогне истиот да ја надмине. Еднакво важно е да се практикува конструктивна дискусија со тимот, како и прифаќање и почитување на различните мислења, идеи, забелешки. Токму на овој начин и ние во КаСис постојано ја градиме и негуваме позитивната работна култура која е од суштинско значење за поттикнување на ангажманот на вработените, за подобрување на продуктивноста, привлекување и задржување на таленти, а сето тоа, на крајот од денот, нé доведува до посакуваниот деловен успех.
ГЕА: Твој совет за некој што сака да започне кариера во tech
Славица Соколова Лочева: Би рекла добра одлука, само напред!
Со брзиот развој на технологијата се развиваат многу гранки и се отвараат многу можности и перспективи за професионален развој. Потребна е упорност, амбициозност, трпение. Неопходно е постојано учење и надградување/проширување на знаењето и искуството. Со сето погоре наведено, личното задоволство и професионалниот успех се неизбежни.




