fbpx

[ИНТЕРВЈУ] Мелита Гугуловска, Сава Осигурување: Еднаква плата, еднакви можности и еднаква застепеност е патот по кој чекориме сите овие години

Во денешното динамично бизнис опкружување, промовирањето на родова еднаквост и создавањето на инклузивни работни околини станаа критични цели за компаниите и организациите низ целиот свет. ГЕА се засега токму за таквите цели на работното место преку своите три пилари: еднаква плата, еднакви можности и еднаква застапеност, a осигурителната компанија Сава Осигурување со гордост ги имплементира и поддржува истите.

Во ова интервју, имавме можност да разговараме со Мелита Гугуловска, главен извршен директор на Сава Осигурување, за напорите и посветеноста на компанијата во насока на родова еднаквост и предизвиците кои ги имаат во осигурителната индустрија.

ГЕА: Сава Осигурување е поддржувач на Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА. На кој начин вашата компанија работи во насока на трите столба за кои се залага ГЕА, т.е. еднаква плата, еднакви можности и еднаква застапеност?

Мелита Гугуловска: Во Сава осигурување воопшто не се поставува прашањето од кој пол сте или слично. Еднаква плата, еднакви можности и еднаква застепеност е патот по кој чекориме сите овие години.

ГЕА: Како главен извршен директор и жена која е дел од Сава Осигурување речиси 20 години, со какви предизвици се имате соочено во вашата индустрија и како ги надминувате истите на работното место?


Мелита Гугуловска:
Никогаш до сега не сум почуствувала некаков проблем поради тоа што сум припадничка на женскиот пол или пак да не можам да извршам некоја работна активност поради тоа или да бидам помалку платена. Лично сметам дека не постои поделба на женски и машки работи особено во осигурителната индустрија.

ГЕА: Кои иницијативи ги презема Сава Осигурување за да обезбеди родова еднаквост на сите нивоа на организацијата, вклучувајќи и лидерски позиции? Какви придобивки сте забележале од мешани тимови на работното место?


Мелита Гугуловска:
Единствен приоритет кај нас е квалитет, желбата за промена, желбата за развој. Навистина не се гледа на мешани тимови , женски или машки тимови – се е до човек без разлика на родовата припадност.

ГЕА: Разликата во платите меѓу половите (gender pay gap) e сè уште присутна во многу индустрии. Какви мерки презема Сава Осигурување за да се справи со овој проблем?


Мелита Гугуловска:
Никогаш до сега не сме имале таков проблем и лично мислам дека тоа е нешто што ние самите треба да го негуваме и развиваме. Во Сава осигурување луѓето ја добиваат платата поради своите лични квалитети и постигнувања.

ГЕА: Според вас, што уште може да се направи за да се промовира родовата еднаквост во индустријата на осигурување и кое е вашето мислење за тоа колкава улога играат компаниите како Сава осигурување за остварување на оваа цел?

Мелита Гугуловска: Нашата индустрија е одличен пример на родова еднаквост од причина што јас не сум единствена жена на чело на осигурителна компанија и морам да признаам дека сите до една се одлични и успешни лидери.

ГЕА: Што би ги посоветувале младите девојки и жени кои штотуку ги започнуваат своите кариери во индустријата на осигурување?

Мелита Гугуловска: Една од најубавите индустрии по мене, бидејќи имате можност секојдневно да учите многу нови работи, да се среќавате со многу нови професии, со многу нови луѓе, со нови бизниси и процеси. Индустрија полна со нови предизвици и одличен пример за родова еднаквост со реални примери.

За ГЕА

Алијансата за родова еднаквост се залага за инклузивна култура, еднаквост и отклучување на моќната синергија помеѓу дигитализацијата, е-трговијата и жените.

Можеби ќе ве интересира...

Следете нѐ

Нашата последна кампања...