ГЕА: Што те привлече кон ваквиот интересен кариерен спој tech и people management? Како се развиваше твојот кариерен пат?
Билјана Кумпанијоска Петреска: Спојот на кариера во tech и people management дојде сосема природно и претставува автентичен одраз на моите интереси и вештини. Отсекогаш сум негувала
љубов и кон технологијата и кон работата со луѓе – овие две области биле постојано присутни и се испреплетувале. Кариерниот пат го започнав како дипломиран инженер по информатика, работејќи на различни позиции во edutech индустријата. Со текот на времето, интересот за управување со луѓе стана сѐ посилен, што ме поттикна да го надградам своето образование со магистратура по стратешки HR менаџмент. Денес, како People & Talent менаџер, ги комбинирам техничките знаења со вештините за работа со луѓе. Верувам дека оваа комбинација ми овозможува уникатен пристап при градењето на силни и продуктивни тимови и успешно водење на луѓе во tech индустријата.
ГЕА: Дали можеш да ни издвоиш еден предизвик во твојата работа кој се претворил во најголема можност за успех?
Билјана Кумпанијоска Петреска: Во текот на моето професионално искуство сум се соочувала со различни предизвици кои ме обликуваа и ми помогнаа да растам, како лично, така и
професионално. Сепак, би ја издвоила промената на кариера како најголем предизвик. Тоа беше моментот кога излегов од комфор зоната, во која се чувствував сигурно и влегов во нова средина, каде што бев почетник и се соочив со чувство на „импостер синдром“. Но, токму овие предизвици ми станаа извор на сила и поттик за развој. Научив дека најголемиот раст доаѓа преку успешно надминување на потешкотиите, изнаоѓање креативни решенија, учење од секоја ситуација и претворање на предизвиците во можности за успех.
ГЕА: Како технологијата ти помага да создаваш поефикасна тимска работа и успеси во твојата улога во КаСис?
Билјана Кумпанијоска Петреска: Технологијата е суштински дел од мојата работа и игра клучна улога во зголемувањето на ефикасноста на тимот. Користењето на алатки за комуникација и
организација ни овозможува подобра координација и побрз проток на информации меѓу тимовите, што значително ја подобрува соработката. Автоматизацијата на
рутинските задачи ослободува време и ресурси, кои ги насочувам кон креативни и стратешки иницијативи, со цел поттикнување на развојот на вработените и на
организацијата. Покрај тоа, употребата на аналитички алатки ми овозможува подетален увид во перформансите на тимовите, нивото на ангажираност и областите каде што постои простор за подобрување. Врз основа на овие податоци, носиме информирани одлуки кои позитивно влијаат на тимската динамика и резултатите. Технологијата го прави целиот процес поефикасен и овозможува тимовите поуспешно да ги постигнат своите цели.
ГЕА: Твој совет за некој кој сака да започне кариера во tech или HR?
Билјана Кумпанијоска Петреска: За сите кои сакаат да започнат кариера во tech или HR, мојот најважен совет би бил доста едноставен – бидете автентични и следете ја вашата страст!
Пронајдете што е тоа што ве инспирира и посветете се на тоа. Овие индустрии постојано се менувааат и се полни со нови предизвици, па затоа е важно да бидете
подготвени за учење и адаптација. Не плашете се да преземате ризици, да правите грешки и да учите од нив. Со вистинска посветеност и љубов кон тоа што го правите, успехот е неизбежен.




