March 25, 2026

Women in STEM: invisible barriers we don't see

STEM секторот денес се смета за еден од најбрзо растечките и највлијателните во современата економија, но прашањето за родовата рамноправност во ова поле и ден денес е актуелно. Многу универзитети, компании и различни организации постојано нудат програми, стипендии и иницијативи со цел да охрабрат што е можно повеќе жени да изберат кариера во овие области. Но, влезот во индустријата е само првиот чекор.

Многу жени кои веќе работат во STEM (Наука, Технологија, Инжинерство и Математика) се соочуваат со предизвици кои не секогаш се очигледни. Овие суптилни механизми често се појавуваат како невидливи бариери, мали, но повторувачки ситуации кои со текот на времето можат да влијаат врз самодовербата, можностите за напредување и чувството на припадност во еден тим.

Во продолжение ќе ги најдете 5-те најчести невидливи бариери со кои жените во STEM се соочуваат на работното место.

1. „Припадност“ во технологија

Иако во последните децении можат да се забележат значителни чекори кон поголема родова еднаквост, стереотипите за тоа кој „природно“ припаѓа во технолошките професии сè уште опстојуваат. Во многу општества, инженерите или програмерите сè уште се замислуваат како мажи. Овие перцепции често се формираат уште во рана возраст, преку образованието, медиумите како и општествените очекувања. Како резултат на тоа, жените кои работат во STEM понекогаш се соочуваат со ситуација во која нивната експертиза се доведува во прашање, дури и кога имаат исти или подобри квалификации од нивните колеги. Кога жените ќе влезат во оваа средина, се соочуваат со суптилно изненадување кога покажуваат високо техничко знаење. Коментари како „Ова го разбираш одлично!“ или претпоставки дека работат на помалку технички задачи можеби звучат безопасно, но сепак откриваат едно подлабоко очекување: дека жените во технологијата сè уште се гледаат како исклучок, а не како сосема природен дел од индустријата.

2. Импостер синдром

Импостер синдромот е она чувство кога, и покрај сите дипломи, проекти и успеси зад себе, некаде во глава се појавува тивок глас што вели: „Сигурно само имав среќа.“ Наместо успехот да се доживее како резултат на сопствената работа и знаење, луѓето почнуваат да мислат дека едноставно се нашле на вистинското место во вистинско време. Според истражувањетона  Џиун Елизабет Шин, дури 97,5% од жените во STEM постдипломските програми пријавуваат барем умерено ниво на импостер искуство, што покажува колку овој феномен е распространет дури и меѓу најобразованите и најквалификуваните жени.

Кога некој постојано е опкружен со коментари дека „не изгледа како типична личност за оваа професија“, лесно е да се појави сомнеж во сопствените способности. Дури и жени со години искуство понекогаш чувствуваат дека мора повторно и повторно да докажуваат дека навистина го заслужуваат своето место во тимот. Со текот на времето, овој внатрешен притисок може да влијае и на кариерните одлуки. Некои жени се двоумат да аплицираат за лидерски позиции или стануваат премногу самокритични кон сопствената работа. 

3. Недостаток на локални женски role models

Во кариерата често важи едно едноставно правило: полесно е да се замислиш некаде ако веќе си видел некој сличен на тебе таму. Кога младите професионалци гледаат луѓе кои личат на нив како водат тимови, идејата за сопствен напредок станува многу пореална. Во многу STEM компании, сепак жените на лидерски позиции сè уште се релативно малку. Тоа значи дека младите жени поретко имаат можност да видат некој кој поминал низ сличен пат. А role models не се важни само како инспирација. Тие се и практична поддршка. Ментор кој може да даде совет, да сподели искуство или едноставно да каже „и јас поминав низ ова“ често прави огромна разлика. Кога таквите примери се ретки, многу жени мораат сами да го трасираат патот низ средина која сè уште се гради.

4. Потреба да се докажува компетентност

Во идеален свет, експертизата би се мерела само преку знаење, искуство и резултати. Но во реалноста, во некои работни средини жените чувствуваат дека мораат постојано да ја потврдуваат својата компетентност за да бидат сериозно сфатени. Со текот на времето, ова создава дополнителен притисок. Наместо енергијата да се насочи кон работата, дел од неа се троши на постојано „докажување“. А кога тоа станува секојдневие, лесно може да доведе до замор, фрустрација и чувство дека треба да се вложи двојно повеќе труд за истото признание.

5. Општествени стереотипи

Освен секојдневните интеракции, големо влијание имаат и пошироките општествени очекувања со кои сите растеме. Во многу општества, жените сè уште се охрабруваат да бидат поскромни, повнимателни во комуникацијата или помалку директни во изразувањето на своите амбиции. Кога овие очекувања се пренесуваат во работната средина, можат суптилно да влијаат врз тоа како се перципира однесувањето на различни луѓе. На пример, директноста кај маж често се толкува како лидерство и самоувереност, додека истото однесување кај жена понекогаш се перципира како преголема самоувереност или агресивност. Ова создава дополнителен предизвик за жените во STEM, кои честопати мораат внимателно да балансираат помеѓу тоа да бидат доволно самоуверени за да водат, а сепак да не бидат перципирани како „претерано“ амбициозни.

STEM без бариери

Невидливите бариери ретко се појавуваат како јасни правила или отворена дискриминација туку во форма на мали, секојдневни ситуации како коментари, претпоставки или навики кои со текот на времето можат да создадат чувство дека некој постојано мора да се докажува. Токму затоа нивното препознавање е првиот и најважен чекор кон промена. Во индустрија како STEM, каде што знаењето е највредниот ресурс, создавањето на средина во која секој може целосно да го искористи својот потенцијал не е само прашање на еднаквост туку и на напредок. Токму вакви иницијативи се клучни за отворање на повеќе можности за жените во ова поле. 

По повод Месецот на жената, GEA во соработка со Avenga Academy нуди 6 целосни стипендии за ИТ и бизнис академии, со цел да се поттикне поголема вклученост на жените во STEM. Повеќе информации за иницијативата и начинот на аплицирање можете да прочитате на следниот линк.

Можеби ќе ве интересира...