February 17, 2026

Leadership Insights со Ема Анчевска, ко-основачка на Идеа Лаб

Како изгледа еден твој типичен работен ден и дали имаш рутина или навика што ти помага да останеш фокусирана во динамична и креативна индустрија како маркетинг?

‎

Ема: Кога работата е неминовен дел од сопствената визија за што е она кое ми придонесува најголемо исполнување и неограничена можност за тимско креирање и реализирање на идеи – истото може и да не се нарече „работа“. Зошто? Затоа што мојата работа е сè само не класична дефиниција на еден ко-сопственик на маркетинг агенција. Мојата работа најдобро можам да ја опишам како повик за исполнување на желбата за создавање креативен систем, кој е самоодржлив и зад кој се наоѓаат бројни часови на вложен труд и споделени креативни замисли.

‎

Мојот типичен работен ден никогаш не е ист, туку напротив е секојдневна трансформација и надградба во рамките на моето постоење како жена претприемач и ко-основач во маркетинг светот на ИДЕА ЛАБ, секако вон веќе изградената улога на жена, сопруга и мајка која пробувам да ја балансирам постојано. Агенцискиот живот во ИДЕА ЛАБ е можеби спротивен и поразличен од класичниот стереотип на класична агенција, а реалната слика кај нас прикажува како ниту еден ден не е ист. Токму истото е мојот поттик и мотивација да сум подобар лидер кој може да ужива во динамичниот тек на процесот, кој сме го создале – почнувајќи од само една идеја, која го гради патот до задоволните клиенти, како и комуникациски стратегии и кампањи кои носат резултати во реалниот свет. Токму таа мотивација е тајната на мојот фокус. Кога се сака она кое се работи, креативноста никогаш не пресушува.

‎

Работата со ко-основачот на вашата маркетинг агенција – Димитар Атанасовски, носи многу придобивки, но и уникатни предизвици. Како го негувате партнерството и како донесувате тешки одлуки кога имате различни ставови?

‎‎

Ема: Уште во 2013 година, кога ја основавме ИДЕА ЛАБ, партнерството го согледуваме како еднакво рамниште на кое заеднички градиме сон од нула со големи желби, кои самостојно ги остваривме низ последните веќе 13 години. Менаџерските квалитети на Димитар, како и неговата визија и убедување дека идеите, добриот тим и лидерство го носат секој иден успех, се нешто кое го делиме заеднички како партнери во агенцијата, секако секој на свој начин. Стилот на работа, често може да ни биде поразличен, но замислата и на двајцата, во што целиме да ја изградиме ИДЕА ЛАБ, секогаш била иста, еднаква и непроменлива. Нашиот успех низ годините се зголемува врз цврстите темели на взаемната поддршка и фактот што и покрај екстровертните карактеристики кои ги поседуваме и двајцата, почитта како партнери во агенцијата е иста како и првиот ден. Токму затоа лесно постои и балансот при носење тешки одлуки во моменти на различни ставови затоа што вистинската одлука секогаш тежнее кон доброто на ИДЕА ЛАБ како агенција и на вработените без кои не би постоел тимот и успешните кампањи.

‎

Кои квалитети според тебе го прават лидерството инспиративно, особено во креативна агенција каде што тимската енергија е клучна?

‎

Ема: Во ова трансформативно време во кое живееме, лидерството за добро или за лошо, живее во различни форми, според многуте перцепции за што означува добар лидер. Според мене, лидерството може да се перципира и толкува како инспиративно единствено во моменти кога лидерот е толку вложен во заедничкиот успех и доброто на агенцијата и на секој вработен, што хиерархијата станува скоро невидлива. Вистинскиот лидер едноставно ја посочува насоката и врвот кон кој се цели, но никогаш не се етикетира сам, – таа титула се добива од самото опкружување. Лидер кој одвојува време да ги слушне мислењата на секој вработен, го цени трудот и еланот за подобар тим, а не само за подобро „јас“, е вистинско лидерство, чија оригиналност органски прераснува во инспиративен момент за секој вработен и за самата околина. Токму тој вид на лидерство креира цврста тимска енергија, каде секој на секого помага, каде колегијалноста постои со леснотија, и каде секоја споделена идеја е храна за зголемување на креативниот дух на агенцијата.

‎

Користиш ли менторство или коучинг, и дали некогаш нечија перспектива ти помогнала да ја видиш својата кариера или агенцијата поинаку?

‎

Ема: Голем број на професионалци влијаеле на надградбата на индивидуалната перспектива и призма низ која ја согледувам агенцијата, но истото ми помогнало да го подобрам и надградам гледиштето како и можностите како можеме да го развиеме тимот и портфолиото на клиенти уште повеќе на поефективен начин кој носи подобри резултати. Низ годините, различни коучинг алатки, ми помогнале да го збогатам првично личниот развој, а паралелно и воедно и да го зголемам полето на емпатијата кон секој соговорник, а најмногу во секојдневието на работата и комуницирањето со разновидна палета на карактери во различни ситуации и околности.

‎

Како се справуваш со критика – од клиенти, тимот или пазарот, и дали постоел момент кога токму критиката те поттикнала на значаен чекор напред?

‎

Ема: Како што се верува во светот – не постои само една вистина. Причината за истото е што различни вистини постојат колку што постојат луѓе на светот -секој со своја уникатна перспектива ја согледува реалноста. Затоа е од клучно значење со трпеливост да се слушне мислењето на секој клиент, вработен, соработник – без разлика дали се работи за предлог, пофалба или критика. Прифаќањето на реалноста дека не постои совршенство на ниту едно поле е полу-добиена битка во сфаќањето дека критиката не е напад, туку можност да согледаме зошто, како и кога може и треба да подобриме одредено нешто во своите животи. Прифаќањето на критиката е подарок кој не треба да го одбиваме туку да го прифаќаме со широко отворени раце.

‎

Ако можеше да ѝ дадеш еден совет на твојата помлада верзија пред да влезеш во светот на претприемништвото, што би било тоа и зошто?

‎

Ема: Најдобриот и наједноставен совет кој би си го подарила на мојата помлада верзија е – „Ако упорноста и добриот збор градат планини, не постои ниту една причина за грижа, туку милион причини за нови желби и развој.“ Ниту еден претприемачки сон не се остварил без бројни предизвици од различни размери, инаку не би бил реален. Доколку веруваме дека сè доаѓа и сè поминува, не постои причина да се влошува здравјето и да се одвојува време за негативни наместо позитивни мисли кои се клучот за наоѓање решение и во најневозможните ситуации. Моќта на зборот „можам“ е можеби најпотценетото нешто во добата на кликови и инстантно наградување со малку труд.

‎

Маркетинг индустријата е брза и често бара брз раст. Што мислиш дека младите лидери треба да научат пред да започнат да раководат тим и кои совети би им дала на другите жени кои сакаат да водат тимови или агенции?

‎‎

Ема: Брзиот раст не секогаш, односно скоро секогаш и многу често е краткорочен, затоа што растот за да трае и да е одржлив бара цврсти темели на тим и подмачкан систем кој придонесува за раст. Не постои еден ист рецепт за успех во маркетинг и бизнис светот, но адаптацијата и прифаќањето на сите генерации и предлозите на новите умови, во глобалното секојдневие и време на трендови, кои се менуваат со секое ново утринско кафе, е можеби клучот да се остане „жив“ и да се остане во играта на долгорочни стази, не само додека трае една „фама“. Улогата на жената може да дојде до израз само со ненаметлива оригиналност која носи вредност за околината – само тогаш, можната нееднаквост на половите исчезнува во традиционалните општества како нашето. Бидете најпрвин човек, па потоа жена – така се создава довербата во еднаквоста. Учењето од грешките и искуството на постарите, е отскочна даска која младите треба да се борат да го здобијат како знаење, најмногу за да се издвојат од другите. Работењето на попаметен, а не секогаш на потежок начин е тајната на успехот. Но безвременските вредности како колегијалност, почит, упорност, елан и иницијатива за заедништвото, а не само за „индивидуалецот“, остануваат да се коцките со кои младите веќе го креираат новиот свет.

Можеби ќе ве интересира...