February 5, 2026

Leadership Insights со Ралица Губерова, Извршна директорка, Евроинс Осигурување

Како изгледа еден Ваш типичен работен ден – имате ли рутина што Ви помага да го поставите тонот и фокусот од самиот почеток?

‎

Ралица: И телото и умот имаат потреба од „гориво“, особено кај луѓе кои се изложени на континуиран стрес. Затоа мојот ден започнува рано – со будење во 6 часот наутро и кондициски тренинг од 7 часот. Тоа е мојот начин да го подготвам телото и умот за предизвиците што следат. Тренингот го надополнувам со нутритивно избалансиран појадок, кој ми ја обезбедува потребната енергија, а потоа ја следам агендата на работниот ден со јасен фокус и приоритети.

‎

Дали некогаш сте користеле менторство или коучинг – и доколку да, какво влијание имаа тие алатки врз Вашиот развој како лидерка?

‎

Ралица: За жал, немав прилика да имам формален ментор кој би ме водел низ личниот процес на развој како лидер. Сепак, секогаш сум се трудела да извлечам барем по една вредна лекција од колегите и соработниците со кои сум работела низ годините. Верувам дека личниот развој на секој лидер во голема мера зависи од индивидуалните карактеристики – нивото на емпатија, способноста да се разбере значењето на тимот, како и вештината да се согледаат сите релевантни околности во една комплексна бизнис-средина.

‎

Какво е искуството да бидете единствената жена во Одборот на директори – носи ли тоа дополнителна одговорност или посебен вид на предизвик?

‎

Ралица: За моја среќа, во нашата организациска структура одамна е надминато половото разграничување. Не чувствувам притисок дека треба да докажувам повеќе или да работам двојно само затоа што сум жена. Кај нас поделбата е јасна – на луѓе кои ја завршуваат својата работа професионално и одговорно и на оние кои не го прават тоа. Сите други критериуми не можат да бидат долгорочно одржливи.

‎

Ако денес започнувавте од почеток, со сето искуство што го имате – што би направиле поинаку?

‎

Ралица: Ова прашање често го опишувам како „Замка 22“. Целото мое искуство е резултат на одлуки кои не секогаш биле правилни, но токму од погрешните одлуки произлегуваат највредните поуки. Дури и кога нешто ќе заврши успешно, никогаш не можете со сигурност да знаете колкав удел имала среќата. Од друга страна, без грешки нема вистинско искуство. Затоа верувам дека секој мора сам да ги извлече своите заклучоци од годините што ги носи со себе.

‎

Што би им порачале на младите жени кои се двоумат дали имаат место на раководни или одлучувачки позиции?

‎

Ралица: Не би сакала пораката да биде упатена само до младите жени, туку до сите млади луѓе кои го бараат своето место како идни менаџери и лидери. Посветете се целосно на тоа што го работите и бидете свесни дека понекогаш е потребно прво да дадете повеќе отколку што ќе добиете. Комбинацијата од добро познавање на бизнисот во кој се развивате и способноста да се носите со одговорноста што ја носи позицијата секогаш е добитна формула.

‎

Која е една вештина или карактеристика што според Вас секој млад лидер мора да ја развие за да остане релевантен и успешен во денешниот свет?

‎

Ралица: Покрај претходно споменатите квалитети, би ја издвоила адаптивноста – способноста брзо и свесно да се прилагодувате на постојано променливите околности. И, можеби најважно, младите лидери треба да го исфрлат од својот вокабулар изразот „не е можно“. Токму таму каде што другите гледаат ограничувања, лидерите треба да гледаат можности.

Можеби ќе ве интересира...