Во март 2024 година, Северна Македонија се приклучи на глобалната иницијатива We-Finance Code, со потпишување на Меморандум за соработка координиран од Народната банка на Република Северна Македонија. Со ова, земјата стана дел од мрежа од околу 30 држави кои работат на унапредување на пристапот до финансии за бизниси во сопственост на жени.
Иницијативата се спроведува во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и со техничка поддршка од Франкфуртската школа за финансии и управување, а има за цел да поттикне системски промени преку три клучни области: лидерство, податоци и конкретни мерки за поддршка.
Како дел од процесот, за првпат во земјата беа обезбедени детални полово-раздвоени податоци за пристапот до кредити кај микро, мали, средни и големи претпријатија во претежна сопственост на жени, преку вкрстување на податоците од Централниот регистар и Кредитниот регистар на Народната банка.
Во оваа иницијатива активно учествува и Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA), со цел да придонесе кон креирање системски решенија за намалување на родовиот јаз во пристапот до капитал и да се поттикне поголема економска моќ на жените претприемачи. Во продолжение се заложбите на Aлијансата поврзани со оваа иницијатива.





