Како изгледа типично утро во животот на една извршна директорка – имате ли рутина што Ви го поставува тонот за целиот ден?
Мелита: Јас сум утрински тип на личност – утрата ми се најубав дел од денот, тишината на почеток на денот, чиста мисла – време кое го посветувам на планирање на денот, односно на обврските. Според мене, подготовката е најважна работа во било која активност, без разлика дали се работи за состанок или пак за обично пазарување – добрата подготовка ги олеснува идните обврски и ни овозможува помалку стресни состојби.
Како Вие лично го дефинирате успехот – и дали начинот на кој што го мерите се има променето низ годините?
Мелита: Промените се најдобар предизвик ако сте човек кој сака да излезе од комфорна зона. Јас сум љубител на промените со сите ризици што ги носат, но во суштина тоа е нештото што секогаш нѐ прави подобри и подобри личности и лидери. Секако дека се менуваат мерните единици за успехот, но една е постојана константа: Позицијата не ни дава неограничени овластувања, туку неограничени одговорности кон себе, кон вработените, кон сопствениците, кон општеството.
Кои квалитети, според Вас, го прават еден лидер вистински инспиративен?
Мелита: Енергијата, мотивацијата, тимската работа и желбата за промени и учење на нови работи. Почитувам лидери кои околу себе имаат одличен тим, тим кој дише заедно и кој е компактен. Лидерот треба да е инспирација за тимот, но треба и да знае да ги турне во проблеми, а да е секогаш тука кога е потребно. Во постојано очекување сум на новите размислувања, новите активнoсти на Gen Z – тоа е одлична прилика за промена и за учење, за нови влијанија, нови начини на работење и менаџирање, што би се рекло, спремна сум за промени.
Кога работите стануваат навистина тешки – што Ве движи напред и Ве мотивира да продолжите?
Мелита: Мора да има и тешки работи – тие во суштина не прават појаки, поразумни, не прават реални. Човек сум што одлично функционира под пристисок и можам да носам одлични решенија во такви ситуации. Доблеста на еден лидер е да може да биде мотиватор и поддршка на тимот и во тешките мигови и да наоѓа решение да се надминат.
Како се носите со критика – и дали некогаш сте ја доживеале како двигател на личен и професионален раст?
Мелита: Сакам да слушнам конструктивна критика, сакам да знам каде грешам и каде треба да се коригирам – но сѐ поретки и поретки се луѓето кој сакаат да слушнат критика и да се менуваат. Тешки се промените, но ако се има желба не постои старосна граница за тоа.
Постојат ли моменти кога сте почувствувале дека мора да вложите повеќе – само затоа што сте жена на лидерска позиција?
Мелита: Постојат моменти кога тоа воопшто не го чувствувам, но верувам дека голем број од жените кои се на лидерски позиции го имале моментот – кога ќе успеете да го свртите вниманието кон себе со мудроста која не ја очекува машкото друштво од вас. Секогаш нашиот прв збор, прво обраќање треба да е 10 пати повлијателно, со повеќе факти, помудро.
Што мислите дека се најголемите пречки што стојат на патот на жените за еднаквата застапеност на жените во управувачките одбори и позиции?
Мелита: Тоа не е нешто што се менува брзо и наеднаш од причина што тоа не се создало брзо и веднаш. Тоа е вековна промена која сè уште трае, некаде е веќе на повисоко ниво, некаде е без промени . Но нашиот став, пред сѐ мислам на ставот на жените, има влијание врз овие пречки – не сме еднакви ако знаеме да менуваме гума на возилото , не стануваме појаки ако сме независни и во постојана борба на докажување дека можеме сѐ сами , туку напротив издвојуваме мали, но значајни промени со нашата мудрост, со нашиот професионализам, со неоптоварување на родова припадност и за на крај верувајте, не е комплимент кога некој од машката популација ќе ви каже: ти се машка жена!




