September 18, 2025

Leadership Insights so Ана Марија Вуковска, ко-сопственичка на Property One Group

Кои моменти во работата ви даваат чувство дека сте постигнале нешто вредно и што за вас претставува вистински бизнис успех?

‎

Ана Марија: Најголемото чувство на постигнување го доживувам кога ја гледам енергијата и посветеноста на целиот тим, нивниот успех го доживувам како личен успех. Љубовта кон работата е мојот најголем двигател, а визијата – “the big picture” – е таа што ме мотивира секој ден да одам напред. Вистински бизнис успех за мене не е само финансиски резултат, туку постигнување рамнотежа: да ја работиш професијата што ја сакаш, да уживаш во плодовите на сопствениот труд, да бидеш опкружен со среќни и исполнети луѓе, и притоа да имаш време за семејството и пријателите. Тој баланс помеѓу личниот и професионалниот живот, без прекумерен стрес и оптоварување, е најголемиот показател за успех.

‎

Кој е вашиот извор на сила и мотивација во моменти кога лидерството станува најпредизвикувачко?

‎

Ана Марија: Мојата сила доаѓа од вербата дека градам нешто со долгорочна вредност и од задоволството од самиот процес. Кога имаш јасна цел и визија, ниту една пречка не е непремостлива – секој предизвик станува дел од патот кон поголемото постигнување. Лидерството честопати бара издржливост и фокус, но она што ме мотивира е сознанието дека со секоја пречка стануваме посилни и поискусни. Верувам дека оние што одат до крај, без да се откажат, го доживуваат најголемото задоволство и најчистата форма на успех.

‎

Недвижностите и градежништвото сè уште се сектори каде доминираат мажи. Како го градите авторитетот како жена лидерка – и што сметате дека ја прави вашата перспектива вредна и неопходна во оваа индустрија?

‎

Ана Марија: Верувам дека времето кога жените требаше да се докажуваат дали се вредни или достојни за лидерски позиции полека завршува. Секој професионалец се докажува преку сопствената работа и резултати. Моето искуство покажа дека лидерството не зависи од полот, туку од визијата, компетенцијата и способноста да мотивираш и да градиш тимови. Во моите компании голем дел од тимовите се составени од жени – талентирани, посветени и амбициозни професионалци кои секојдневно добиваат можност да придонесат за нашата заедничка визија. Она што ја прави женската перспектива неопходна во оваа индустрија е емпатијата, вниманието на деталите, флексибилноста и силното чувство за соработка – квалитети што носат додадена вредност на проектите.

‎

Кои квалитети според вас го прават еден лидер вистински инспиративен?

‎

Ана Марија: За еден лидер да биде навистина инспиративен, потребно е најпрво да биде задоволен со своите достигнувања и внатрешно усогласен со својата визија. Само така може автентично да инспирира и да ги мотивира другите да придонесат. Вистинскиот лидер е оној што создава доверба, знае да слуша и да вреднува различни мислења, и има капацитет да ја гледа големата слика додека истовремено се грижи за луѓето. Харизмата е важна, но уште поважни се интегритетот, транспарентноста и подготвеноста да се води со личен пример.

‎

Дали имате воспоставени практики кои активно промовираат родова еднаквост на работното место – и какво влијание имаат врз тимот и резултатите?

‎

Ана Марија: Да, родовата еднаквост е еден од темелите на нашата организациска култура. Тимовите со кои работам се составени од инспиративни и паметни жени, кои секојдневно придонесуваат кон остварување на заедничките цели. Горда сум што мојот тим, со својата посветеност и внимателност, често постигнува резултати што ги надминуваат очекувањата, понекогаш и подобри од машките колеги. Овие практики создаваат средина во која секој се чувствува вреднуван, а тоа директно се одразува врз продуктивноста, креативноста и позитивната енергија во компанијата.

‎

Што би им препорачале на другите претприемачи кои сакаат да изградат правични и недискриминаторски работни средини, но не знаат од каде да почнат?

‎

Секој претприемач најпрво треба да ги носи овие вредности во себе – правичност, почит и еднаквост – за да може автентично да ги пренесе на организацијата. Важно е да се создаде работна средина во која владеат синергија, доверба и меѓусебна поддршка. Без тоа, не може да се очекуваат врвни резултати. Лидерите имаат клучна улога во поставување на култура која охрабрува жените да се чувствуваат ценети и да имаат простор за напредување. Во моето работење ова е еден од основните принципи – да изградиме хармонична и правична атмосфера во која сите заедно целиме кон иста визија и ист успех.

Можеби ќе ве интересира...