November 13, 2025

Leadership Insights со Александра Трајковска, ко-сопственичка, Везилка и Дениција

Како започна Вашата приказна со Везилка и Дениција? Што ве инспирираше да се впуштите во угостителскиот сектор?

‎

Александра: Мојата приказна со Везилка и Дениција започна пред повеќе од една деценија, водена од желбата да создадам простор кој ќе ја спои храната, традицијата и луѓето во едно автентично доживување. Мојата желба за организирање на настани и целата возбуда што доаѓа со тоа, совршено се вклопија. Угостителството за мене никогаш не било само професија, туку начин на живот – уметност на гостопримството и споделените моменти.

‎

Идејата за Везилка, всушност, потекнува од мојот татко, кој беше човек со исклучителна визија и љубов кон луѓето. Неговата посветеност и вредностите кои ги вгради во почетоците на брендот останаа мој најголем водич. Денес, секој нов проект, секој гостин и секој успех ги доживувам и како продолжение на неговата приказна.

‎

Со текот на годините, Везилка и Дениција прераснаа во повеќе од ресторан – во место на автентична енергија, вкус и човечност, каде се чувствува трудот, љубовта и наследството кое стои зад секој детал.

‎

Какво е чувството да ја водите фамилијарно компанијата заедно со вашиот брат? Како се делат улогите и одговорностите?

‎

Александра: Да се води фамилијарна компанија со брат ми е истовремено предизвик и голема предност. Предизвик – затоа што границата помеѓу семејното и деловното понекогаш е тенка, а предност – затоа што постои искрена доверба, заедничка визија и поддршка која не може да се изгради со никој друг.

‎
Со текот на годините научивме да ги почитуваме различностите – стратегијата ја развиваме заедно. Оперативниот и техничкиот дел е повеќе насочен кон него, додека јас се насочив во организација, човечки ресурси и развој на брендот. Секоја одлука ја градиме врз дијалог и заемна почит.

‎
Она што најмногу ме радува е што зад сè стои семејна енергија – вредности што се пренесуваат, а не се купуваат. Токму тоа верувам дека луѓето го чувствуваат кога ќе дојдат кај нас – дека брендот е создаден со љубов, посветеност и заедничка цел.

‎

Кои се вредностите што Ви се најважни во водењето на Везилка, и на кој начин преку нив го мотивирате вашиот тим и создавате позитивна и продуктивна работна средина?

‎

Александра: Вредностите се основата на сè што го правиме во Везилка. Верувам дека вистинското лидерство не се мери само со бројки, туку со начинот на кој ги третираш луѓето, колку ги слушаш и колку им веруваш. За мене најважни се почитта, искреноста, одговорноста и заедништвото.

‎
Секој член на тимот треба да се чувствува како дел од поголема цел, а не само како извршител на задачи. Се трудам секојдневно да го негувам чувството дека сите придонесуваме подеднакво – од готвачите, преку келнерите, до менаџерскиот тим. Само кога луѓето чувствуваат доверба и поддршка, можат вистински да блеснат.

‎
Мотивацијата не доаѓа од наредби, туку од пример. Затоа настојувам да бидам присутна, да слушам, да пофалам, но и да покажам дека грешките се дел од процесот на учење. Верувам во тим што се развива заедно, во средина каде вредностите не се само зборови , туку дел од секојдневието.

‎

Дали имаше некакви предизвици со кои се соочивте како жена ко-основач во угостителската индустрија и доколку да, кои се најчестите и како ги надминавте?

‎

Александра: Да, секако дека постоеја предизвици, особено затоа што угостителството се смета за „машки бизнис“. Најтежок период ми беше почетокот кога бев млада мајка со две мали деца а истовремено требаше да се „изгради се од нула”. Понекогаш се соочував со предрасуди или недоволно признавање на мојата улога, и требаше најмногу да се докажувам.  Моите идеи или пристапи требаше дополнително да се потврдат, само затоа што доаѓаа од жена.

‎

Најчест начин на надминување беше постојано да покажувам резултати, да бидам доследна и убедлива, и да ги градиме одлуките врз податоци и јасна стратегија. Во исто време, научив да балансирам помеѓу приватното и професионалното, да бидам присутна и за децата и за бизнисот. Со текот на времето, луѓето сфатија дека успехот не зависи од полот, туку од визија, посветеност и квалитет.

‎

Исклучително ми помогна силната поддршка од тимот и семејството, како и дисциплината и вербата во сопствените способности. Предизвиците се неизбежни, но секој од нив нуди можност да се научи нешто ново, да се зацврсти карактерот и да се зајакне лидерството, а истовремено да се научи и уметноста на балансот.

‎

Кое е достигнувањето на кое сте најмногу горда и какви се Вашите планови за развој на Везилка и Дениција во иднина?

‎

Александра: Најмногу сум горда на тоа што успеавме да изградиме брендови кои се препознатливи и ценети не само по храната, туку и по енергијата, вниманието кон деталите и односот кон луѓето. Везилка и Дениција се места каде гостите се чувствуваат пријатно, а тимот мотивирано и гордо го дава својот максимум. Тоа чувство дека нашата работа создава вистинска вредност и позитивно влијание е нешто што ми носи огромно задоволство.

‎

Еден од најзначајните моменти беше 2024-та, на 10-годишнината на Везилка, кога брендот доби сосема нов лик – изградивме целосно нов објект кој со својот дизајн постави нови стандарди во индустријата за настани.

‎

Исто така, од оваа година ја создадовме Академијата за млади готвачи Везден, која е на својот почеток, но сепак бележи одлични резултати.Во иднина, плановите се насочени кон постојан развој и иновација. Се стремиме кон проширување на услугите, креирање нови концепти и дополнителни искуства за нашите гости, без да ја изгубиме автентичноста и квалитетот што ја дефинира Везилка и Дениција. Целта е брендот да расте одржливо, со внимание кон луѓето и вредностите кои го прават уникатен.

‎

‎Кој совет би им дала на младите жени кои размислуваат да започнат сопствен бизнис?

‎

Александра: Верувајте во својата визија и не се плашете да преземете иницијатива. Патот не е секогаш лесен, ќе има предизвици, но секој предизвик е и можност да се научи нешто ново, да се зацврсти карактерот и да се гради лидерство.

‎

Важно е да бидете упорни, доследни на своите вредности и да се опкружите со луѓе кои ве поддржуваат и инспирираат. Не дозволувајте стравот или сомнежот да ве спречат да го следите она во што верувате. Успехот не е само бројка или статус, туку способност да создадете нешто значајно и да влијаете позитивно на луѓето околу вас.

Можеби ќе ве интересира...