December 2, 2025

Leaders Insights со Весна Иваноска, Avenga Academy

Што ве научи лидерската улога за вас самата – што не сте знаеле на почетокот?

‎

Весна: Со текот на годините се повеќе ми се потврдува дека лидерството e многу повеќе од улога, титула, достигнување. Тоа е често способност да се издигнеш над своите стравови. Научив дека вистинска моќ е да слушаш, да признаеш кога не знаеш и да го оставиш другите да блеснат заедно со тебе. Лидерството ме научи дека влијанието не доаѓа од позиција, туку од доверба, доследност и храброст да се соочиш со предизвиците очи в очи. Сепак можеби најважната лекција е да бидеш автентична и пред се искрена и нежна со себе.

‎

Кога се чувствувате најуспешно – кога постигнувате резултати, кога влијаете врз луѓе, или нешто трето?

‎

Весна: Го сакам процесот, не само резулатите. Сакам кога ми успева да разбудам детска возбуда кај луѓето со кои работам на некој проект дури, особено ако биле скептични на почеток и секогаш одново ме фасцинира како таа енергија се мултиплицира и се враќа назад како инспирација.

‎

Да, успех е добро завршена работа, мерливи резултати и убави бројки, но поголем успех е трансформативната моќ што ја носи еден креативен процес, особено ако сме притиснале и сме ги надминале своите лични и тимски лимити. Уште ако сето ова носи и поголемо општествено влијание и промена, тогаш успехот е комплетен.

‎

Имате ли свој начин на „рестартирање“ кога чувствувате замор или преоптовареност?

‎

Весна: Искуството, меѓу другото, ме научи дека за добра кондиција во бизнисот па и животот, колку што е важно да се “дадеме”, подеднакво ако не и повеќе важно навреме да подзастанеме и уредно да полниме батерии, да се почестиме, да си угодиме. Велат дека новите искуства се најдобриот начин за повторно да се рестартираме. Би рекла секој има своја мантра. Ако немам баш секогаш луксуз да се подизгубам во некој светски музеј, да изгледам добра престава, концерт или опсесивно да читам филмска критика, 10-че со добрите стари патики на кеј секогаш завршува работа.

‎

Како се носите со критика – и дали некогаш сте ја доживеале како двигател на раст?

‎

Весна: На критиките дефинитивно им приоѓам со респект. Дури и кога можеби негодувам или реагирам рамнодушно, им се навраќам, ги анализирам и дури знам по одреден период да се јавам некому да кажам благодарам за опсервацијата, за советот, за “отворањето очи”. Но да се пријде со почит и внимание не значи и да дозволиме одредени критики да не расколебаат или да го променат правецот и фокусот на она што го правиме само за да сме “политички коректни” и “демократски” расположени да им угодиме на сите со различни мислења и ставови.

‎

Како ја гледате состојбата со родовата еднаквост во ИКТ секторот – и што мислите дека најмногу недостига?

‎

Весна: Родовата еднаквост во ИКТ секторот е поизразена во однос на останатите затоа што индустријата е силно имуна на влијанието на стереотипите, пред се од причина што успехот тука не нужно е заснован на хиерархија, туку повеќе на остварувања (performance – based) и универзално применливи вештини.

‎
Дополнително, статистиката потврдува дека и јазот во платите на европско тло е најмал во овој сегмент. Лично, еднаквоста ја доживувам најмногу низ призма на слободата на избор. Во ИКТ денес може да изберете локација, модел на работно време, да постигнете финансиски независна – која секако значи слобода, да бидете професионално влијателна на глобално ниво работејќи за светски водечки логоа, а притоа да не морате да сте премногу гласни за да го убедувате светот дека ви е добрo. There will be signs 😊

‎
Со оглед на тоа дека станува збор за високо конкурентна индустрија која рапидно се менува и која бара континуирано учење и вложување, сметам дека клучно е да постои поголема афирмација и поддршка која ќе охрабри што повеќе жени и девојки да започнат кариера во ИКТ.

‎

Што мислите дека ги издвојува младите лидери денес од претходните генерации – и како тоа може да се искористи на позитивен начин?

‎

Весна: На новите лидери и лидерки може да им позавидиме на храброста, неконвенционалноста, ослободеноста од авторитети и себевреднувањето, дигиталната писменост, емпатичноста, инклузивноста.

‎
Секако, ако истите не се дозираат умешно, знаат лесно да се претворат во желба за инстант успех, неубедливо (дигитално) себе-брендирање, импровизација, неодговорност.

Можеби ќе ве интересира...