Во текот на вашата повеќе од 15-годишна кариера во компанијата, минувајќи од Quality Assurance Engineer до Setup Manager, кои достигнувања или искуства ви остануваат како највредни и најисполнувачки?
Нада: Ја имав таа привилегија да растам и да се развивам заедно со оваа компанија. Дел сум од неа уште од нејзините најрани почетоци, што придонесе за многу интересни ситуации и моменти.
Особено сум горда што мојот развој течеше природно – од моите скромни почетоци како Quality Assurance Engineer (што ми овозможи подлабоко да се запознаам со domain-от и потребите на продуктите), преку Senior Trainer and Compliance Specialist (имав постојана соработка со Тест Лаборатории и регулатори од држави низ целиот свет), па се до Setup Manager и Setup Chapter Lead. Одговорна сум за сетап на сите нови клиенти, во зависност од нивните желби и потреби, како и од регулативите под кои би требало тие да функционираат.
Она што посебно ме исполнува е големиот број на важни клиенти кои сум успеала да ги пуштам во продукција без проблеми, како и кога од нив ќе слушнам колку се задоволни од целокупниот процес и од комуникацијата. Од друга страна пак, секогаш е интересно кога од нови клиенти или нововработени луѓе во компанијата ќе слушнам некои мои анегдоти со поранешни клиенти кои се случиле пред повеќе од 10 години, а сеуште се прераскажуваат како да биле вчера. Тоа секогаш ми предизвикува насмевка и ме инспирира да продолжам понатаму со уште побрзо темпо.
Како се променил вашиот стил на лидерство низ годините и како се адаптирате на различни тимови и ситуации?
Нада: Низ годините имав прилика да соработувам со многу прекрасни професионалци, и во рамки на компанијата и надвор од неа. Секој од нив допринесе за мојот развој и направи ова искуство да биде уште повпечатливо – со голем дел од поранешните колеги и клиенти сеуште сум блиска и надвор од професионалните комуникации (иако дел од нив се наоѓаат на другата страна на светот).
Секако работата со различни тимови носи и свои предизвици, но доколку некој си ја сака работата ќе изнајде и начин како да се справи со нив. Сите имаат свој карактер и темпо на работа – она што е важно е да се најде начин да се комбинираат како би можело работата непречено да тече.
Особено ме исполнува кога гледам како и мојот тим расте и се развива, затоа што сите заедно сме дел од оваа приказна.
Која е најважната лекција што сте ја научиле во изминатите години и како тоа влијаело на вашиот развој?
Нада: Веројатно најважната лекција која сум ја научила во изминатите години би била дека треба постојано да се предизвикуваме себеси, со цел да се пронајдеме самите себе. Сите тие предизвици придонесуваат за личниот и професионален развој, колку и да делуваат тешки во моментот.
Бариерите се тука за да се надминат!
Ако можевте да ѝ дадете еден совет на вашата помлада „јас“ пред да ја преземете првата лидерска улога, што би било тоа и зошто?
Нада: Советот кој би си го дала себеси е – да не се плашам и да верувам во себе!
Постојат многу работи кои порано ме плашеле затоа што не сум сметала дека би можела да се справам со одредени ситуации.
Времето ми покажало дека не само што можам, туку и дека одлично можам да совладам и многу поголеми предизвици од оние кои порано ми делувале страшно. Она што е потребно е само да верувам во себе и во сопствените способности.
Како се промовира и охрабрува родовата еднаквост во вашата организација, и какви конкретни резултати сте забележале од тие активности?
Нада: Ми претставува големо задоволство што можам да кажам дека во нашата компанија на голем број од раководните позиции веќе се наоѓаат жени, вклучувајќи тука и лидерски позиции од областа на технологијата. Кога се бара нов член за било кој од тимовите никогаш не се преферира конкретен пол, туку секогаш се оди на квалитет, што придонесува за зголемување на бројот на вработени девојки и жени.
Со ова дополнително им се дава поддршка и моќ на сите жени и наредни генерации кои доаѓаат да се најдат себеси и да пораснат изразувајќи се преку технологија и лидерство. Само така може заедно да ја обликуваме иднината!
Младите лидери често имаат желба да постигнат брз успех. Што мислите дека е најважно да научат пред да започнат да водат тим или организација?
Нада: Сметам дека не постои такво нешто како брз успех кога станува збор за лидерство. Тоа е способност која се стекнува со тек на време – и секако со искуство.
Најважно е кон сите да се однесуваме со истата почит која ја очекуваме и кон себе. Има време и место за се – кога да се однесува со максимална сериозност и професионализам, а кога се се премине на шеги. Доколку се најде балансот, се може да тече во најдобар ред.




