July 25, 2025

Leadership Insights со Снежана Станковиќ, Претседателка на Управен Одбор, Сава пензиско друштво

Кога ќе погледнете наназад на постигнатото, што ви носи најголема гордост – влијанието што го имате, личната трансформација или нешто друго?

‎

Снежана: Не ја доживувам гордоста како позитивна карактеристика – таа често е поврзана со егото. А влијанието врз другите не зависи целосно од нас – луѓето примаат влијание кога се подготвени за тоа, понекогаш и од случајно слушнат збор. Затоа, за мене најголема вредност има личната трансформација.

‎

Развојот на свесноста ми овозможува да ги подобрувам сопствените навики, способности и квалитети, и да станувам подобра верзија од себе. Тоа се одразува и на комуникацијата, самодисциплината, менталното здравје и мотивацијата – клучни елементи за професионален раст. Без личен развој, професионалниот успех може да биде празен или само постигнување цели, без лична реализација, често води кон незадоволство. 

‎

Личната трансформација не е момент, туку животен став. Ако животот го гледаме како училиште на душата, тогаш учиме додека сме живи. Многу ми остави впечаток мислата на Џим Кери: „Сметам дека сите би требало да бидат богати и славни и да го прават она што отсекогаш сонувале да го направат, за да сфатат дека тоа не е клучно.“

‎

Како се менуваше вашиот пристап кон работата со текот на годините – и што го предизвика тоа?

‎

Снежана: Мојата максима отсекогаш била: што и да правам – да го направам најдобро што можам во тој момент. Дури и кога мислам дека нешто е завршено, си поставувам прашање: „Дали ова е навистина најдоброто што можеш да го дадеш?“ Секогаш постои уште еден чекор напред.

‎
Со текот на времето, научив дека грешките и предизвиците не се пречки, туку извори на учење. Како што вели Томас Едисон: „Не сум доживеал неуспех. Само најдов 10.000 начини кои не функционираат.“

‎

Животот ме менуваше мене, а не обратно. Тоа ми помогна да донесувам подобри одлуки, особено кога приоритетите ми се јасни. Со текот на годините, научив и дека најголемите успеси доаѓаат од соработка и синергија. Почнав повеќе да вложувам во тимот, да охрабрувам иницијатива и да уживам во континуираното учење – и професионално и лично.

‎

Кoја секојдневна навика ви помага да останете фокусирани и продуктивни?

‎

Секој ден го започнувам со „чист ум“. Тоа значи да не излезам од дома со негативна мисла или чувство. Користам различни техники – медитација, пишување, вежби за свесност – и верувам дека секој може да го пронајде својот начин.

‎
Секое утро си поставувам прашања: Што од вчерашното искуство не сакам да го повторам? Зошто тоа влијае на мене? Дали зависи од мене? И ако е навистина негативно – што ми порачува? Овој процес бара искреност. Понекогаш ситуациите што мислиме дека сме ги надминале, повторно се појавуваат – и тоа е во ред. Повторувањето е дел од учењето, а тоа важи и за животните лекции.

‎
Оваа навика ми помага да останам фокусирана, продуктивна и – што е најважно – присутна. А кога сме присутни, тогаш сме и најавтентични.

‎

Како ги инспирирате луѓето околу вас кога дури и вие се чувствувате без мотивација?

‎

Снежана: Кога се соочувам со немотивираност, најпрво се фокусирам на себе – на моето енергетско ниво. Верувам дека нашата енергија несвесно и природно се пренесува и на другите. За мене, спортот е клучен – преку физичка активност ги поместувам сопствените граници, го зајакнувам духот и телото. Немањето време не е оправдување – тоа е како да кажете дека немате време да спиете. Тоа може да функционира краткорочно, но долгорочно, грижата за себе мора да биде приоритет.
‎

Мене лично многу стимулативно и мотивирачки ми делува прашањето: „Како би сакала моите деца да реагираат во ваква ситуација?“ Така, таа безусловна љубов што ја чувствувам кон нив, ја насочувам и кон себе – и тоа ми дава сила, да бидам пример за нив како да се грижат засебе.

‎
Се трудам да ги препознаам и прославам и најмалите успеси – тие се темелот на големите победи. Еден збор на поддршка може да направи огромна разлика.

‎

Како во вашата компанија се поттикнува инклузивна работна култура каде секој глас е слушнат и вреднуван, без разлика на пол, возраст или позадина?

‎

Во Сава пензиско друштво, инклузивноста е многу повеќе од збор – тоа е дел од нашиот секојдневен живот. Се грижиме секој вработен да се чувствува прифатен, слушнат и охрабрен да учествува, без оглед на полот, возраста или потеклото.

‎
Секако, задоволството е личен став и не може да се наметне, но ние како компанија можеме да создадеме услови каде што тоа е возможно. Ќе се навратам на претходното – сè зависи од нашата перцепција и волјата да бидеме свесни и отворени.

‎
Практикуваме повеќе методи, како што се:

‎
Различни канали за комуникација: Имаме редовни состаноци, анонимна кутија за сугестии и алатка „Ask Me Anything“, каде што вработените можат директно да поставуваат прашања до менаџментот.

‎
Поддршка за нови идеи: Имаме комисија за иновации и платформа „Инспирирај пормена“, што ги разгледува и спроведува новите предлози.

‎
Обуки и развој: Се овозможува на секој вработен обука за личен и професионален развој, а организираме и интерни обуки каде вработените што учеле стануваат предавачи на другите. Во моментот имаме и обука за лидерство која поттикна голем интерес и помага да се гради тимска соработка.

‎
Тимски игри и активности: Користиме алатки кои поттикнуваат развој на вештини и креативност.

‎
Простор за дружење и спорт: Имаме заеднички простор за пинг-понг и пикадо каде редовно организираме турнири кои ја зајакнуваат поврзаноста помеѓу колегите.

‎
Редовни собири и прослави: Секој петок се среќаваме по работа, а квартално ги разгледуваме важните теми и резултати. Заедно ги славиме и родендените, бидејќи луѓето се лицето и срцето на нашата компанија.

‎
Со овие активности, градиме култура каде секој се чувствува вреднуван, мотивиран и подготвен да придонесе. Ова не само што ја подигнува продуктивноста, туку ја зацврстува и довербата и лојалноста во тимот.

‎

Што гледате како најголем потенцијал во младите лидери денес? А што ви недостига кај нив?

‎

Снежана: Младите лидери имаат извонредна способност да ги разберат и применат новите технологии. Тие природно се движат низ дигиталниот свет и се отворени кон промени и предизвици – што е особено важно во денешното време.

‎
Сепак, она што често им недостига е трпение. Желбата за брзи резултати е разбирлива, но не секогаш реална. Недостатокот на искуство може да ги направи помалку подготвени за комплексни ситуации, особено кога тие бараат длабоко разбирање, емоционална зрелост или долгорочна стратегија.

‎
Важно е да научат дека некои процеси – особено оние што се поврзани со личен и професионален раст – бараат време, истрајност и способност да се остане присутен дури и кога резултатите не доаѓаат веднаш. Лидерството не е само визија и енергија, туку и мудрост, трпение и способност да се слуша и учи.

Можеби ќе ве интересира...