July 25, 2025

Ново партнерство за едукација, еднаквост и инклузија – GEA и M6 Едукативниот Центар ги здружуваат силите

Во насока на унапредување на родовата еднаквост во професионалниот и едукативниот свет, Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA и M6 Едукативниот Центар официјално го започнаа своето партнерство преку потпишување на Меморандум за соработка. Ова партнерство беше формализирано со цел заедничко креирање и имплементација на образовни активности, работилници, програми за менторство, заедничко аплицирање на проекти и размена на знаење и контакти. Фокусот на оваа соработка ќе биде и поддршката при организација на настани и промовирање на женски улоги и лидерство во образованието, бизнисот и општеството.

‎

Партнерството е во согласност со трите главни столба на GEA: еднаква застапеност на сите нивоа и позиции, еднаква плата за иста работа, и еднакви можности за напредок – вредности кои и M6 активно ги промовира преку својата едукативна мисија.

‎

Иницијативата на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ), GEA,  е посветена на создавање инклузивна работна култура и активно работи на промовирање на еднакви можности за сите и поттикнување на родова еднаквост на работните места. Алијансата е насочена кон создавање инклузивна култура каде што и жените и мажите се еднакво вреднувани за нивниот придонес во работната средина, што ќе создаде нови начини, синергии и платформи за решавање на критичните прашања кои влијаат на развојот на жените на работното место. 

‎

„Партнерството со M6 Едукативниот Центар ја отвора вратата кон нови образовни можности за сите кои веруваат дека еднаквоста се постигнува преку континуирано учење, личен развој и вложување во себе. Со нашата заедничка енергија, знаење и визија, ќе придонесеме кон општество каде секој талент ќе има можност да се развие.“ – изјави раководителката на GEA, Марија Ристовска.

‎

M6 Едукативниот Центар, претставува водечка институција за долгорочно учење и со својата мисија се залага за позитивна трансформација и развој на организациите, општеството и индивидуите. Преку бројни активности, обуки, настани и проекти постојано разработува и отвара актуелни теми значајни за економскиот и општествениот развој на земјата и регионот.  

‎

Центарот со своето долгогодишно искуство во неформална едукација и обуки, има активна улога во градење на индивидуален и организациски капацитет преку иновативни програми за лидерство, менаџмент и личен развој. 

‎

„Оваа соработка е природно продолжение на нашата мисија – за креирање на инклузивно опкружување, каде што ќе ги охрабриме сите индивидуи да вложуваат во својот личен и професионален развој. Од пред неколку години, М6 воспостави соработка со Women on Boards Adriа, а во нашето портфолио креиравме и програма за женско лидерство, со цел поддршка и охрабрување на жените и нивната застапеност во носењето на одлуки – како во бизнисот, така и во заедницата. Заедно со GEA ќе продолжиме да работиме на практични и инспиративни програми кои носат долгорочна вредност за целото општество.“ – изјави Тамара Грбевска, проектен менаџер од M6 Едукативниот Центар.

‎

Во следниот период, GEA и M6 ќе работат заеднички на продлабочување на соработката и на организација на заеднички едукативни настани, работилници, како и заеднички проекти за поддршка на жените и мажите во различни професионални сектори. Партнерството ќе се базира на меѓусебна поддршка, размена на ресурси и споделување на добри практики.

‎

Ова е уште еден чекор во мисијата на GEA за создавање на фер и инклузивни работни средини, каде што секој поединец има еднаква можност да напредува и да придонесе со својот целосен потенцијал. Инаку, Работата на GEA ја поддржуваат Eurolink, Casys и Halkbank како главни партнери, како и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје,  А1 Македонија, Сава Пензиско, и CosLoveMetics како партнери. Поддржувачи на Алијансата се и Сава Осигурување, Евроинс Осигурување, Publicis Groupe, Property One Group, Aristocrat, и Avenga Academy.

Можеби ќе ве интересира...