December 20, 2024

Македонските бизниси што напредуваат „рамо до рамо“: Нова инспиративна видео кампања за моќта на родовата еднаквост на работните места

Што значи вистинска соработка? Како различностите можат да се претворат во сила која води кон успех? Во новата креативна видео кампања добиваме одговори на овие прашања преку инспиративна македонска приказна за мешаните тимови и нивниот уникатен придонес во светот на бизнисот.


Видеото ја раскажува приказната на Марија и Кире Крстевски, основачи и ко-сопственици на компаниите Bebe Home и CosLoveMetics, кои ја отвораат вратата кон својот свет, објаснувајќи како соработката помеѓу нивните различни улоги, довербата и комуникацијата ја поттикнуваат нивната заедничка визија за успех. Bebe Home веќе 10 години им нуди на родителите иновативни и квалитетни производи за нивните деца, додека Coslovemetics е специјализирана за козметика за возрасни, фокусирајќи се на решавање на лични и специфични потреби на клиентите. Нивниот успех е доказ дека рамноправната распределба на улогите, меѓусебната доверба и заедничката визија можат да создадат вистинска бизнис магија. Тие претставуваат пример за тоа кога различни перспективи се комбинираат, се создава средина во која иновациите цветаат и има подобри бизнис резулати. Видеото пренесува силна порака: рамноправноста и соработката не се само општествена одговорност, туку и клучна предност за успех во бизнисот.



Оваа иницијатива е повеќе од обична кампања – тоа е моќен повик за акција и промена. Таа нè поттикнува да изградиме заедница на претприемачи кои препознаваат дека „рамо до рамо“ значи повеќе од соработка – тоа значи заедничка визија, рамноправност и искрена поддршка.


GEA, се стреми да придонесе за еднакви можности, еднаква застапеност и еднакво вреднување на трудот и во целост, унапредување на родовата еднаквост на работното место. Нашата алијанса е насочена кон создавање инклузивна култура каде што и жените и мажите се вреднуваат за нивниот уникатен придонес во работната средина. Преку GEA, која е дел од глобалната иницијатива на UN Women за остварување на Целта за одржлив развој #SDG5 – Родова Еднаквост, се работи кон градење посилно и поправедно општество за сите.


„Целта на оваа видео кампања, е да се подигне свеста за важноста на родовата еднаквост во бизнисот. Таа има за цел да покаже дека мажите и жените, кога работат рамо до рамо, постигнуваат подобри резултати и поголем напредок. Кога се комбинираат различни перспективи, се раѓаат иновации, а резултатите стануваат уште подобри. Со оваа иницијатива, особено се нагласува потребата од активна вклученост на жените во сите деловни процеси, при што Халкбанк ја поддржува и промовира идејата за еднаква застапеност како клучен фактор за успех“. – додадава Нина Ангеловска Станков, претседател на нашата алијанса.


Видео кампањата „Рамо до рамо – успехот кој стои позади мешаните тимови“ ќе биде промовирана преку дигиталните медиумските канали на GEA и Халкбанк, а нејзината порака е јасна: успешната соработка е магијата која стои позади секој успешен бизнис.


Инаку, Алијансата е формирана со поддршката од Халкбанк, Eurolink и Casys како главни партнери, Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје и A1 Македонија како партнери, Roche, Сава Осигурување, Сава Пензиско, Евроинс Осигурување и Публицис Груп како поддржувачи, а е отворена за сите кои сакаат да се вклучат и да ја поддржат нејзината работа и да придонесат кон поголема родова еднаквост на работното место.


Повеќе информации за Алијансата за родова еднаквост на работното место можат да се погледнат на следниот линк: https://genderequalityalliance.org/.

Можеби ќе ве интересира...