ГЕА: Твојата работа е во навистина интересен сектор. Која е една клучна работа што ја имаш научено за водење и менаџирање на тим, а која сметаш дека е од суштинско значење за секој кој е во лидерска улога?
Маја Вељаноска: Навистина е одличен предизвик да се биде жена лидер, во тим од 40 вработени каде што 80% од истите се машка популација. Од исклучителна важност за секој лидер е неговата посветеноста кон тимот, односно фокус за развој на тимот, меѓусебната соработка поддршка, разбирање и доверба. Со еден збор јас би рекла клучната работа за водење и менаџирање на тим е емоционалната интелигенција “EI”, која што од неодамна е една од најважните карактеристики и предуслов за успех, наспроти коефициентот за интелиценција “IQ”.
ГЕА: Дали можеш да издвоиш еден предизвик во твојата работа кој се претворил во најголема можност за успех?
Маја Вељаноска: Работната средина во производство и во индустрија се динамични и речиси секојдневно се соочуваме со одредени предизвици. Меѓутоа јас на секој предизвик гледам како нова шанса и можност за учење. Предизвик кој се претвори во најголема можност за успех е применувањето предлози за подобрување предложени од страна на вработените – овој предизвик опфаќаше изготвување на целосен business case, но со имплементацијата целиот тим се стекна со успешност, доверба.
ГЕА: Во Пивара Скопје, на кој начин успевате да одржите висок квалитет и автентичност на производите додека истовремено следите нови трендови и иновации во индустријата?
Маја Вељаноска: Посветеноста на нашите вработени , како и почитувањето и обезбедувањето на сите стандарди од аспект на квалитет и безбедност на храна се клучни за нашите производи и брендови да одржуваат висок квалитет и автетичност. Го следиме трендот и растот на дигиталните технологии и иновации во индустријата, во таа насока се одвиваат и нашите иновации, инвестиции и иницијативи. Нашата индустрија се развива истовремено со развојот на новите трендови.
ГЕА: Твој совет за некој кој сака да започне кариера во индустријата за пијалаци?
Маја Вељаноска: Индустријата за пијалаци е една од подинамичните во нашата земја , и е одлична можност за кариера за секој кој што сака да се учи, да се развива и да истовремено да стекне искуство од повеќе области, од менаџмент на стандарди за квалитет и производство, безбедност при работа , одржливост на системи, па се до маркетинг, продажба, работа на терен и слично.




