февруари 26, 2026

Leadership Insights со Бранкица Толевска, А1 Македонија

Кој беше моментот кога првпат се почувствувавте како вистинска лидерка?

‎
Бранкица:
Не беше формалната титула, туку моментот кога тимот во предизвикувачки проект избра да се потпре на мене за насока и стабилност. Кога сфатив дека мојата улога не е само да носам одлуки, туку да создадам средина во која другите растат и преземаат одговорност и тогаш првпат вистински се почувствував како лидерка.

‎

Имате ли секојдневна навика што ви помага да останете фокусирани?

‎

Бранкица: Секој ден го започнувам со кратка лична рефлексија и приоритизација на трите најважни цели. Тоа ми помага да останам фокусирана на суштината, без разлика на динамиката и бројот на обврски. Кога времето дозволува, пред работа возам велосипед на Водно. Во зима се обидувам да најдам соодветна замена како базен или пилатес наутро. Во последниве недели, на тоа ја додадов и прошетката со кучето. Штом пристигнам на работа, утринскиот состанок и кафето со тимот не само што ме држат фокусирана, туку ми претставуваат и вистинско задоволство. И секако, мојот најголем „stress relief“, а тоа се другарките.

‎

Совет за жените кои чувствуваат дека треба да се „докажуваат“?

‎

Бранкица: Мојот совет е никако да не се обидуваат да се вклопат во туѓ модел на лидерство. Автентичноста, интегритетот и резултатите зборуваат погласно од секое докажување. Лидерството не е прашање на пол, туку на визија, компетентност и способност да се инспирираат другите.

‎

Дали сте имале момент кога нешто не излезе како планираното?

‎

Бранкица: Да, и тие моменти се најголемите лекции. Имало проекти кои не ги донеле очекуваните резултати и за среќа се многу помалку од оние другите, но токму тие искуства ме научија на отпорност, адаптабилност и храброст да носам одлуки и во услови на неизвесност.

‎

Како се поттикнува инклузивна работна култура во вашата компанија?

‎

Бранкица: Во A1 Македонија инклузивноста е дел од корпоративната стратегија, а не само декларативна вредност. Се поттикнува отворена комуникација, се инвестира во развој на вработените и се создава средина во која различностите се гледаат како предност што носи подобри идеи и одлуки.

Кои вредности и вештини се клучни за младите лидери?

‎

Бранкица: Љубопитноста и подготвеноста за континуирано учење се основа, особено во технолошкиот и бизнис секторот. Покрај тоа, клучни се критичкото размислување, емпатијата, дигиталната писменост и способноста за соработка. Лидерството денес значи да знаеш да поврзуваш луѓе, идеи и технологии во одржлива визија за иднината.

Можеби ќе ве интересира...