fbpx

[ИНТЕРВЈУ] Татјана Бојковска, Сава Пензиско: Во нашата компанија постои високо ниво на свесност за додадената вредност која ја имаат мешаните тимови во поглед на нови идеи, критички став, и здрави конструктивни дискусии

Во време кога родовата еднаквост се уште е предизвик, Сава Пензиско се истакнува како пример за напредок. Зборуваме со Татјана Бојковска, Членка на управниот одбор на Сава Пензиско која со нас ја сподеи посветеноста на компанијата за создавање на околина каде еднаквата плата, можностите и застапеноста не се само цели туку и се интегрални делови на нивната култура. Во интервјуто зборуваме за нивните активни мерки за поддршка на професионалниот развој на вработените, родово-балансираниот менаџмент, конкретните придобивки од мешаните тимови и значењето на финансиската образованост и писменост за сечија безбедна иднина.
ГЕА: Сава Пензиско е поддржувач на Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА. На кој начин вашата компанија работи во насока на трите столба за кои се залага ГЕА, т.е. еднаква плата, еднакви можности и еднаква застапеност на работните места?

 

Татјана Бојковска: Сава пензиско друштво низ годините на раст и развој има достигнато ниво на организациска култура на кое еднаква плата, еднакви можности и еднаква застапеност на работните места се составни елементи на истата.

 

ГЕА: Дали имате спроведено некакви иницијативи или политики за поттикнување и поддржување професионалниот напредок и развој на вашите вработени?

 

Татјана Бојковска: Природата на областа во која работи Сава пензиско друштво налага потреба од континуирано професионално усовршување и развој, како одговор на променливите пазарни услови, а во интерес на членовите и пензионираните членови на пензиските фондови со кои управуваме. Во таа насока се и активностите на компанијата насочени кон иницирање и поддршка на професионалниот развој на вработените во областите кои се важни за нашата дејност. Претставува особено задоволство кога вработените професионалната едукација ја прифаќаат како нормален составен дел од кариерниот развој, кога новите знаења ги споделуваат и имплементираат во работењето и кога остваруваат успеси во студии кои имаат значајна тежина и кои бараат сериозна посветеност и вложен труд.

 

ГЕА: Кои иницијативи ги презема Сава Пензиско за да обезбеди родова еднаквост на сите нивоа на организацијата, вклучувајќи и лидерски позиции? Дали и какви придобивки сте забележале од мешани тимови на работното место?

 

Татјана Бојковска: Имајќи предвид дека градиме и поддржуваме средина во која се промовира поддршка на развој на кадри во согласност со нивниот потенцијал, интегритет и посветеност кон работата, родовата избалансираност низ годините се наметна како природна последица на тежнеењето кон градење на околина во која квалитетот не се дефинира преку пол, возраст, вера или националност. Така, во моментов тричлениот Управен Одбор има две членки, а на ниво на среден менаџмент застапеноста на жените е 43%. Падот од 57% кој го забележавме во претходниот краток временски период беше резултат на кадровски промени при кои одлуките се носеа врз база на строго пропишани објективни критериуми. Доколку статистиката ја гледаме од друг агол, агрегатно, тековно застапеноста на жените на раководни позиции во Сава пензиско изнесува 50%.

 

Во нашата компанија постои високо ниво на свесност за додадената вредност која диверзитетот гледан низ повеќе димензии ја има во поглед на нови идеи, критички став, како и здрава и конструктивна дискусија во функција на поддршка на успешното работење и на одржувањето на позитивна работна околина. Придобивките се видливи преку конструктивен судир на идеи и мислења кои водат чекор понапред и чекор подалеку кон остварување на стратешките цели, а кои како позадина имаат диверзитет кој може да биде родов, искуствен, професионален итн.

 

ГЕА: Разликата во платите меѓу половите (gender pay gap) e сè уште присутна во многу индустрии. Какви чекори презема Сава Пензиско за да се справи со разлики во плата меѓу половите и кои се постигнати напредоци до сега?

 

Татјана Бојковска: Она што за жал претставува се уште присутна родова дискриминација во многу индустрии во поглед на платите, на наше задоволство не е случај со Сава Пензиско, па оттука и немаме проблем од ваков карактер.

 

ГЕА: Mожете да ли објасните како Сава Пензиско ја промовира финансиската писменост кај младите луѓе, особено кога станува збор зa развивање на нивните вештини за финансиска писменост од млада возраст, осигурувајќи им знаење и самодоверба за активно учество во процесот на донесување на инвестициски одлуки кои ќе ја обликуваат нивната иднина?

 

Татјана Бојковска: Сава пензиско претставува дел од системот на капитално финансирано пензиско осигурување, каде еден од главните предизвици со кои се соочуваме е ниското ниво на финансиска писменост. Од своето основање во 2005 година, голем процент од маркетинг активностите на Друштвото се насочени во едукативни цели. Дел од овие активности веќе извесен период ги спроведуваме заедно со Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и со другите пензиски друштва на пазарот. Овие заеднички активности првенствено ја таргетираат средношколската и факултетската популација. Дополнително, свој придонес кон подобрување на финансиската писменост даваме и преку блог порталот „Никогаш сами“, нашата веб страница, преку објави на социјални мрежи, едукативни материјали и сл.

 

ГЕА: Од ваша гледна точка, како жена која има долгогодишно искуство во областа на финансии и инвестиции, што би ги посоветувале младите девојки и жени кога станува збор за финансиската едукација и писменост?

 

Татјана Бојковска: Во поглед на кариерниот развој без оглед на областа во која се образуваат или работат, свесна за стереотипниот призвук, на младите девојки и жени би им порачала да вложуваат во својот професионален и личен развој, да веруваат во себе и со интегритет и етички да се борат за тоа што го заслужуваат. Што се однесува до финансиската едукација и писменост, мојата порака би била адресирана до младата популација без оглед на род, вера, националност, професионални квалификации и лични убедувања: Промените во образовните процеси не ги следат општествените промени и предизвиците поврзани со лични финансии кои се однесуваат на иднината. Оттука, за да се донесат соодветни одлуки во морето на информации за различни финансиски продукти, вложувањето во сопствената финансиска едукација и писменост е во интерес на сите. Преку повисоко ниво на знаења и информираност се намалува аверзијата која е честа психолошка реакција при средба со непознатото, но и се зголемува свесноста за значењето на долгорочниот инвестициски хоризонт и за значителната разлика во акумулацијата на средства наменети за пензија кога се почнува со редовни уплати на помлада возраст, споредено со почеток на уплати во позрели години.

 

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

За ГЕА

Алијансата за родова еднаквост се залага за инклузивна култура, еднаквост и отклучување на моќната синергија помеѓу дигитализацијата, е-трговијата и жените.

Можеби ќе ве интересира...

Следете нѐ

Нашата последна кампања...