fbpx

[ИНТЕРВЈУ] Марија Тодоровска, Пивара Скопје: Постигнувањето и одржувањето на рамноправноста е тема на која постојано треба да е работи

Заедно со Марија Тодоровска, директорка на Секторот за луѓе и култура во Пивара Скопје зборуваме за иновативните стратегии на Пивара Скопје кои се фокусираат на родовата еднаквост и на поттикнување позитивна култура на работното место. Од рушење на стереотипите до мерење на успехот на нивните стратегии за овозможување на инклузивно работно место, Марија во ова интервју ни споделува вредни иницијативи кои поттикнуваат значајни промени во компанијата .

ГЕА: Со речиси 15-годишно искуство со HR и психологија, вашата улога како Директорка на Секторот за луѓе и култура во Пивара Скопје е несомнено поткрепена со опширна, долгогодишна експертиза. Како вашето искуство ги обликуваше стратегиите и иницијативите во Пивара Скопје, особено во насока на унапредувањето на родовата еднаквост и негувањето на позитивна култура на работното место?


Марија Тодоровска: Пред да се обликуваме како професионалци во своите кариери, сите ние, почнувајќи од најрана возраст се обликуваме како карактери и како личности во зависност од нашето непосредно опкружување, а пред се од нашите семејства и тука ги формираме нашиот вредносен систем и ставови особено спрема другите луѓе. Морам да напоменам дека се чувстувам привилегирано што сум израсната во семејство каде што вредностите на емпатија, разбирање и почитување на различностите и почитување воопшто на сите луѓе какви и да се, без разлика на нивниот род, возраст, етничка или религиозна припадност, биле вредности од највисок ред. 


Исто така, израсната сум во домаќинство каде и двајцата мои родители работеа, а домашните обврски се делеа. Се сеќавам, на времето, имаше луѓе на кои им беше смешно и чудно дека мојот татко активно се грижеше за одржување на хигиената во домот, а мојата мајка пак, формираше свој мал бизнис кој и до ден денес опстојува.

Пивара Скопје како дел од две меѓународни групации има вградено во својата корпоративна култура и вредности заложби за градење на средина на недискриминација, прифаќање на различностите, рамноправност и еднаков пристап до можности и инклузивност. Ова подразбира средина во која се почитуваат различните мислења и ставови, а секој вработен слободно може да разменува идеи, да експериментира и да греши без страв од осуда.


И денес, имајќи ги во предвид овие две споменати перпективи, за мене како личност, ваквата култура е целосно во согласност со мојот вредносен систем, па мене сосема природно ми доаѓа да бидам горда и гласно да ги комуницирам ваквите ставови, со цел креирање на подобра работна средина, будење на свесноста кај секој поединец дека сите ние придонесуваме кон живеење на таа култура и на крајот, должност да инспирираме општествена промена за подобро утре.


ГЕА: Пивара Скопје, со својата богата историја и традиција, се чини дека успешно ги интегрира своите долгогодишни вредности со модерниот пристап за поттикнување на инклузивноста. Можете ли да споделите за тоа како компанијата ја има постигнато оваа деликатна рамнотежа, особено во промовирањето на родовата еднаквост?


Марија Тодоровска; Како што напоменав и погоре, заложбите за рамноправност, еднаквост и инклузивност се вградени првенствено во нашата корпоративна култура и вредности и се грижиме сите наши вработени точно да знаат кои однесувања ги живеат овие вредности, а кои однесување не се во согласност со истите. Исто така, постојано работиме на градење на свесноста првенствено кај нашите линиски менаџери кои се нештата кои не спречуваат вистински да ги живееме овие вредности, а тоа се несвесните стереотипи и предрасуди кои сите ние како луѓе ги носиме со себе, а можат да влијаат врз одлуките кои ги носиме особено во процесите на регрутација, давање можности за обуки и развој, унапредување и плата. И оваа година, како дел од низата активности кои ги организираме по повод одбележување на Меѓународниот ден на жената е и работилница со нашите менаџери токму на темата Разбивање на несвесните стереотипи.


Понатаму, во сите наши интерни процеси кои се однесуваат на нашите вработени, особено на процесите за регрутација, идентификување и развој на таленти и наградување, вградени се механизми кои треба на луѓето да им обезбедат фер и објективен пристап до можности, плата и бенефиции.


ГЕА: За време на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ организирана од ГЕА во октомври 2023, како говорник при разговорот на тема „Културата и свесноста за родова еднаквост во компаниите како клучни играчи за подобро работно место“ со присутните ја споделивте вашата “Break the Bias” кампања, посветена на рушење на стереотипите на работното место и промовирање на родовата еднаквост. Како Пивара Скопје го мери успехот на ваквите иницијативи и какви промени може да се забележат од спроведувањето на оваа кампања?


Марија Тодоровска: Како што гласи изреката „Тоа што може да се измери, може да се промени“, секако дека имаме воспоставено метрики кои ги следиме и по кои гледаме дали во одредена област напредуваме или треба да се подобриме.


Во однос на родовата рамноправност, следиме процентуална застапеност на мажите и жените на ниво на среден и висок менаџмент, процентуална застапеност на нововработени мажи и жени и оние кои добиле унапредување, како и процентуална застапеност на оние кои се идентификувани како таленти, односно идни лидери во Пивара Скопје. Тука со гордост можам да кажам дека имаме постигнато рамноправност во однос на сите овие елементи.


Подеднакво важна метрика е и еднаква плата за еднакви работни места, па и тука, ова го имаме постигнато на сите нивоа во компанијата.


Ова се оние метрики кои се однесуваат на родовата рамноправност. Но нашата култура оди далеку над оваа тема. Постигнувањето разновидност во тимовите е само една страна на равенката и не сме постигнале ништо доколку не постои вистинска вклученост, односно инклузивност за сите луѓе без разлика на нивните надворешни особини.


Секоја година, спроведуваме анкети за ангажираноста и задоволството на вработените, а во тие анкети, задолжително вклучуваме прашања кои ни даваат увид во тоа дали нашите вработени се чувствуваат слободни на работа да ги споделуваат своите мислења, дали се чуствуваат дека можат да бидат навистина свои без страв од осуда од останатите и дали во нивните тимови, луѓето се охрабрени да споделуваат различни ставови и идеи од останатите. Овие елементи ни кажуваат до каде сме со вистинското живеење на нашите вредности и ни овозможуваат да креираме планови за подобрување таму каде што е потребно.


ГЕА: Пивара Скопје е еден од главните партнери на Алијансата за родова еднаквост на работното местo и има огромен придонес за нејзиниот раст и развој. Од ваша перспектива, каква улога игра општествено одговорна компанија како Пивара Скопје во инспирацијата и поттикнувањето на позитивни промени не само во нејзината индустрија, туку и во поширокиот бизнис сектор кога станува збор за родовата еднаквост и рамноправност?


Марија Тодоровска: Пивара Скопје е општествено одговорна компанија која им служи на своите купувачи, конзументи, вработените и заедницата во која што функционираме. Апсолутно имаме должност и одговорност да инспирираме поширока општествена промена која ќе ја унапреди добросостојбата на луѓето во нашата земја. Затоа, несебично сакаме да го споделуваме нашиот пример и нашите практики со надеж дека и други компании ќе ја препознаат важноста на оваа тема и ќе направат дополнителни позитивни поместувања во општеството и стоиме на ра.сполагање на сите заинтересирани за споделување на повеќе детали за начинот на постигнување на овие цели.


ГЕА: Гледајќи напред кон 2024 година, дали Пивара Скопје има во план нови иницијативи за понатамошно зајакнување на родовата еднаквост и инклузивност на работното место? Дали има некои претстојни проекти или цели на кои особено им се радувате?


Марија Тодоровска; Постигнувањето и одржувањето на рамноправноста е тема на која треба постојано да се работи и ние како компанија сме секогаш отворени да се прилагодуваме согласно различните потреби на нашите вработени. Оваа година месец Март го започнавме со кампањата #InspireInclusion и првата активност што ја направивме беше организирање на работилница за нашите менаџери која треба да ги зајакне нивните капацитети да се борат против несвесните стереотипи и предрасуди и да им помогне да бидат што е можно пообјективни во носењето одлуки поврзани со нивните тимови. Понатаму, планираме да организираме фокус групи со вработени од различни делови и нивоа на нашата организација со цел да видиме дали и на кој начин се промениле нивните потреби. Во зависност од тие заклучоци, ќе донесеме одлука кои се следните проекти на оваа тема.


ГЕА; Каков совет би им дале на младите девојки и жени професионалци кои штотуку започнале со своите кариери, или пак се стремат кон лидерски улоги, особено во секторите на кои историски им недостасува родова разновидност?


Марија Тодоровска; На младите девојки и момчиња кои штотуку ја почнуваат својата кариера би им порачала да бидат упорни, дисциплинирани и амбициозни и дека нема еден прав пат до успехот. Тој пат често пати има кривини, има споредни патчиња кои во дадени моменти ни се чинат дека не одалечуваат од нашата дестинација, но убавината е во тоа што тие животни искуства не градат како личности и ни ја градат нашата издржливост во различни предизвици и непредвидливи ситуации. Бидете со отворен ум, не престанувајте да учите и да се надоградувате бидејќи желбата за постојано учење е особина која се цени најмногу, а знаењето е единствен ресурс кој е од непроценливо значење.

За ГЕА

Алијансата за родова еднаквост се залага за инклузивна култура, еднаквост и отклучување на моќната синергија помеѓу дигитализацијата, е-трговијата и жените.

Можеби ќе ве интересира...

Следете нѐ

Нашата последна кампања...