fbpx

[ИНТЕРВЈУ] Д-р Василка Салевска – Трајкова, ФМТКП: Прифаќањето на еднаквоста создава одржливи и континуирано високи резултати во компанијата

Во рамки на кампањата на GEA „Мит vs. Факт“ зборуваме со д-р Василка Салевска - Трајкова, Менаџер за екстерни прашања во Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп - еден од главните поддржувачи на Алијансата. Д-р Салевска - Трајкова со своето долгогодишно искуство во јавниот, приватниот и академскиот сектор, ни споделува што всушност за неа ја дефинира успешноста на една индивидуа, а зборуваме и за позитивното, трансформативно влијание кое го имаат зајакнувањето на родовата еднаквост, различноста и поттикнувањето на иклузивната средина врз еден бизнис и за иницијативите на ФМТКП кои придонесуваат кон постигнување на овие цели.

ГЕА: Со долгогодишно искуство во јавниот, приватниот и академскиот сектор и моментално како менаџер за екстерни прашања во Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП), вие сте навистина позитивен пример за успешна жена во бизнисот со силно познавање на правните науки. Дали можете да ни издвоите една најважна лекција што сте ја научиле во текот на вашата кариера, а која била клучна за вашиот личен и професионален развој?

 

Д-р Василка Салевска – Трајкова: Ви благодарам на убавите зборови! Би сакала да бидам препознаена и запаметена како „позитивен пример“, бидејќи тоа влијание го креирате сами, додека „успешноста“ е статус кој околината го креира за вас. „Позитивен пример“ за мене е да бидете успешен професионалец, пријатна колешка, весела мајка, најдобра другарка, добронамерна пријателка, истовремено. Да го почитувате времето на другите, да бидете одговорни, исполнителни и да се однесувате со почит кон секого. На сето ова, уште ако сте трудољубиви, успешноста е неминовна. 


Кариерата ја градам интуитивно, а трудот ми се одразува преку карактерот – сé што работам, завршувам до крај, целосно, без отстапки. Не би издвојувала животни лекции бидејќи верувам во автентичност и инсистирам на самопронаоѓање на личноста. Единствени лекции во кои уживам се оние по право, кон моите студенти.

 
ГЕА: ФМТКП е еден од главните партнери на Алијансата за родова еднаквост на работното местo и има огромен придонес за нејзиниот раст и развој. Како гледате на вашата улога во промовирањето на родовата еднаквост во бизнис секторот и каква улога сметате дека игра родовата еднаквост во неговиот раст и одржливост? 

Д-р Василка Салевска – Трајкова: Со сите активности што Алијансата за родова еднаквост на работното местo ги реализира до сега, се покажа дека претставува одлична платформа за размена на позитивни пракси по однос на родовата еднаквост во бизнис секторот. Алијансата, заедно со останатите иницијативи во државата, кои активно делуваат кон обезбедување на еднакви работни услови за мажи и жени, покажуваат висок степен на зрелост и разбирање дека секој поединец соодветно сопствените квалитети, треба да одговара брзо и квалитетно на потребите на модерното општество. Иако последново звучи логично и очекувано, сепак, денес сè уште се соочуваме со огромни разлики во застапеноста. 

Последната статистика од Еуростат покажува дека во 2020 година само 34% од менаџерските позиции во Европа се доделени на жени. Во Македонија пак, во 2023 година, само 21.3% од компаниите имаат жени во врвниот менаџмент.


Во 2022 година, Филип Морис Интернешнал (ФМИ) ја достигна својата глобална цел за подобрување на застапеноста на жените на менаџерски позиции, обезбедувајќи застапеност од 40%.

 

Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, како дел од Филип Морис Интернешнал се стреми кон создавање средина на одржливи високи резултати. За да ја постигнеме оваа аспирација, ние сме фокусирани на благосостојбата и грижата за вработените, како еден од клучните стратешки приоритети. Благодарни сме што Алијансата за родова еднаквост нѐ препозна како такви!

 

ГЕА: За време на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ организирана од ГЕА во октомври 2023, како панелист при панел дискусијата на тема „Позади секој успешен бизнис, стои добро балансиран женско-машки тим“ споделивте дека во ФМТКП, соодносот на вработени жени во однос на мажи е 50-50, како и дека менаџерскиот тим го сочинуваат 50% жени. Дали би можеле да споделите конкретни стратегии или иницијативи кои придонеле за постигнување на оваа рамнотежа и на кој начин тие влијаат позитивно на перформансите на компанијата?

 

Д-р Василка Салевска – Трајкова: Интересен факт – 50% од светската интелигенција и академски образована популација припаѓа на жените, а истите влијаат на 70% од денешното потрошувачко општество. За мене, искористувањето на овој фонд на таленти за подобро да се одговори на потребите на бизнисот и клиентите е апсолутно вистински потег, без размислување.

Како голема меѓународна компанија, со повеќе од 89.000 вработени, воспоставивме стандарди за извонредност за родова еднаквост, заради кои неколку години по ред сме добитници на глобален сертификат EQUAL-SALARY за еднаква плата на мажите и жените.


Конкретни иницијативи на ФМИ и, воедно, на ФМТКП за целосно достигнување на родовата еднаквост вклучуваат: решавање на родовата пристрасност во проценките на талентите – вклучително и при регрутирање; управување со системи за следење на резултати и можности за унапредување; користење на родово неутрален јазик во огласите за работа, а на потесниот избор на кандидати се прави со рамнотежа помеѓу половите и се користат различни панели за интервјуа, за да се намали ризикот од несвесна пристраност во проценките на талентите. 


Имајќи го ова на ум, ја имаме нашата следна цел за родова застапеност: 35% жени на високи лидерски позиции до 2025 година. Новата цел ја демонстрира желбата на компанијата за постојано подобрување родовата застапеност.


ГЕА: За време на конференцијата за родова еднаквост ја споменавте и Women’s Inspiration Network – WIN, платформата на Филип Морис Интернешнал, која има за цел да го инспирира и поддржи професионалниот развој на жените. На кој начин WIN придонесува за создавање погодна средина за жените во компанијата, и какво влијание има врз растот на кариерата на жените во Philip Morris International?

 

Д-р Василка Салевска – Трајкова: Women’s Inspiration Network (WIN) ги инспирира и охрабрува жените да ги унапредат своите вештини, да ја прошират својата професионална мрежа и да го откријат својот целосен потенцијал. На оваа мрежа се организираат настани и менторства, зависно од индивидуалните потреби. 


Во компанијата вработените се ценат според способноста и квалитетот, што овозможува жените да бидат еднакво прифатени како и мажите. Состојките за балансирани успешни тимови овозможуваат сите ние како жени, независно од возраста и позицијата, да се чувствуваме сигурно, безбедно, почитувано, самостојно и самоуверено од година во година.


ГЕА: Што недостига на компаниите, во однос на воспоставување на практики за родова еднаквост и нивна одржливост особено во секторите на кои историски им недостасува родова разновидност?

 

Д-р Василка Салевска – Трајкова: Да ја зајакнат различноста и да ја поттикнат инклузивна средина бидејќи тоа е основата за деловен успех. За постигнување родова правичност и вклучување, потребна е мерливост на перформансите изразена преку анкети за вработените и метрики за следење на обезбедување инклузија.


Навивам за општество кое ќе се развива со иста брзина како што се развиваат AI алатките и програмските јазици, менталитет кој ќе се адаптира на позитивни трендови и прифаќа успешни приказни и лидери чиј фокус ќе бидат растечки финансиски резултати, добробит, образование и успешност на секој поединец.

За ГЕА

Алијансата за родова еднаквост се залага за инклузивна култура, еднаквост и отклучување на моќната синергија помеѓу дигитализацијата, е-трговијата и жените.

Можеби ќе ве интересира...

Следете нѐ

Нашата последна кампања...